Во изјавата амбасадорката констатира еден од проблемите со кои се соочуваат медиумите и во земјава и глобално се и дезинформациите и лажните вести од портали меѓу кои многу се поддржани и од надворешни извори.
Задоволна сум што во Северна Македонија, состојбата со медиумите е подобрена во споредба со 2017 година, вели британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј по повод денешниот Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите.
Сепак, таа констатира дека се зголемиле нападите врз жените новинарки и забележува дека ниту еден случај на напад од годинава нема разрешница.

„Медиумската клима е генерално погодна за промоција на слободата на изразување и овозможува критичко известување, но сè уште постојат предизвици. Нападите, особено против жените новинарки, се зголемија. Од јануари до денес, имало 14 напади врз новинари – во споредба со 2019 година кога имало само 4. Ниту еден од нив досега не постигнал судска разрешница“
вели Галовеј.
Според амбасадорката, слободата на медиумите на глобално ниво е во состојба на опаѓање која само се забрзала во текот на пандемијата со ковид-19. Во овој контекст таа споменува и дека нападите на новинарите водат кон самоцензура.
„Новинарите и медиумските организации ширум светот се соочуваат со ограничувачки закони и казнени законски мерки. Исто така, забележано е значително опаѓање на безбедноста на средините што им овозможуваат на медиумските професионалци да си ја вршат својата работа. Тие страдаат од физичко насилство, вербално вознемирување и убиство, честопати неказнето. Последица на ова заплашување е самоцензурата, што е директна пречка за квалитетното новинарство“,
вели Галовеј.
Во изјавата амбасадорката констатира еден од проблемите со кои се соочуваат медиумите и во земјава и глобално се и дезинформациите и лажните вести од портали меѓу кои многу се поддржани и од надворешни извори.
„Независните и квалитетни медиуми се борат да преживеат комерцијално и зависат од меѓународните донатори. Саморегулирањето на медиумите и професионалното, етичко новинарство е клучно во борбата против дезинформациите и лажните вести, кои се пропагираат од портали на интернет, многу од нив поддржани и од надворешни извори. Овие проблеми се рефлектираат и на глобално ниво, а предизвиците не може да се игнорираат“,
вели амбасадорката.
Галовеј потсетува дека од овие причини во Лондон 2019 беше основана и Коалицијата на министри за слобода за време на првата Глобална конференција за слобода на медиумите, која Коалиција претставува партнерство на земјите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Дел од оваа Коалиција се и Обединетото Кралство и Северна Македонија, кои се потписници на Глобалната заложба за слобода на медиумите.
„Сега посилна за 37 земји, Коалицијата е уникатно соодветна за адресирање на постоечките и новите закани по слободата на медиумите ширум светот“,
вели Галовеј.
Таа упатува порака дека Обединетото Кралство е голем поддржувач на Северна Македонија во овие непредвидливи времиња со цел да се заштити слободата на медиумите, што според неа е основен столб на демократијата и слободните општества. Амбасадорката истакнува дека ќе продолжат да се залагаат за слободата и безбедноста на новинарите и оти ќе бараат одговорност за оние што ги повредуваат медиумиските работници.
