Зборувајќи за нашето членство во НАТО, амбасадорката потенцира дека во земјава е донесен и советник со полно работно време кој работи во Министерството за одбрана и со Армијата за да види што може повеќе да се направи за спремноста за НАТО во сите области, а најавува и дека ќе се почне проект во кој со Министерството ќе се работи за реформа на човечките ресурси и администрацијата

Британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, во интервју за државната новинска агенција МИА, зборувајќи за евроинтеграциите, порачува дека најважното што Северна Македонија треба да го направи сега е да продолжи со реформите, не за ЕУ, туку за да го подобри животот на граѓаните.
„Прво што треба да се напомене е дека Северна Македонија вложи многу труд на реформската агенда, од справување со корупција, владеење на правото. Поради ова, Северна Македонија е членка на НАТО и доби силни препораки за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Отсекогаш силно сме ги поддржувале евроатлантските амбиции на Северна Македонија и сметаме дека земјата-кандидат треба да биде оценувана според критериумите, а амбициите не треба да престанат поради билатерални спорови. Ќе напоменам дека Северна Македонија се покажала како лидер во регионот, а и во поширокиот регион, со нејзиниот пристап кон билатерални спорови. Се надевам дека прашањата ќе бидат решени наскоро, но во меѓувреме, најважното што Северна Македонија треба да го направи е да продолжи со реформите не за ЕУ, туку бидејќи тие ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа е најважно“,
вели Галовеј.
Амбасадорката во интервјуто зборува и за тоа што вклучува соработката во рамки на Меморандумот за ќелија за координација на обуката на полигонот Криволак потпишан со Министерството за одбрана со цел зацрврствување на капацитетите на Армија, но и за други соработки помеѓу двете земји по членството во НАТО.
„Бевме силен поддржувач на членството на Северна Македонија во НАТО. Тоа беше огромен успех и ни беше навистина драго што потпишавме Меморандум за соработка на почетокот на годината. Голем труд беше вложен последниве години да и помогнеме на Северна Македонија да биде подготвена за НАТО, особено со обука на лесната пешадиска бригада, која е дел од обврската на Северна Македонија кон НАТО. На Криволак, поддржуваме разни видови на обука, ново таргетирање, поддршка за обука и за пешадијата и за специјалните сили. Исто така во земјата ја воведовме „Ќелијата за копнена координација“ што значи постојано британско воено присуство тука, за да видиме кои се потребите за обука тука и пошироко во регионот, а и да увидиме како можеме да поддржиме и да ја зајакнеме понатаму“,
вели Галовеј.
Во интервјуто таа потенцира дека во земјава е донесен и советник со полно работно време кој работи во Министерството за одбрана и со Армијата за да види што може повеќе да се направи за спремноста за НАТО во сите области, а најавува и дека ќе се почне проект во кој со Министерството ќе се работи за реформа на човечките ресурси и администрацијата.
Амбасадорката зборува и на други теми, меѓу кои и претстојната Конференцијата за климатски промени на ОН – КОП26 што треба да се одржи во ноември во Глазгов, а на која Велика Британија е домаќин заедно со Италија. Главната цел, вели таа, е да се соберат светските лидери за да се обврзат на ветувањата од Парискиот договор од пред шест години, да се одржува растот на температурата по 1,5 степени, да се демонстрира посветеност за нето нулта стапка на емисии на штетни гасови и земјите да покажат како ќе престанат со употребата на јагленот.
„На КОП26 нема да целиме кон нов преговарачки договор. Целта е всушност земјите да покажат како ќе испорачаат во врска со тоа што беше договорено во Париз, бидејќи во моментов не успеваме да ги исполниме ветувањата и температурата ќе продолжи да расте над 1,5 степени. Сакаме да видиме како луѓето се обврзуваат повторно кон приспособување и митигација и да се соберат на едно место за да видиме каков ќе биде новиот правилник. Настанот ќе биде успешен ако се склучат нови договори за тоа што треба сите да направиме, но и да ги видиме земјите кои започнуваат индивидуални заложби“,
вели Галовеј.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.