Министерката Царовска, пак, денеска рече дека референдумот е демократско право и за тоа си има постапка, меѓутоа порача дека реформите мора да се случуваат и промени во образованието мора да има
„Референдум против донесување на законот за учебници“ и „Законот не ги решава проблемите кои се актуелни во образованието“ се дел од транспарентите со кои попладнево беа испратени пораки до власта на протестот против најавените реформи во образованието.
На протестот присуствуваа родители организирани преку иницијативата „Учебници и настава мора да има“, а поддршка добија и од организацијата „Средношколски глас“.
Дел од рутата на протестниот марш беа Министерството за образование и наука (МОН), Владата и Собранието. Групата демонстранти испрати побара од пратениците и од МОН да се повлечат сите најавени образовни реформи кои треба да стапат во сила од новата учебна година.
Родителите изјавија дека се против дигитализација на учебниците онака како што е најавено и додадоа дека проблем претставува и воведувањето предмет сексуално образование.
Максим Крстевски од „Средношколски глас“, пак, посочи дека министерката Мила Царовска сè уште не го слуша нивниот револт.
„Видовме дека онлајн наставата не вроди со плод. Дигитализација да, но не на ваков начин и не преку ноќ. Учебници мора да има и мора да се вратиме во училишните клупи“,
изјави Крстевски.
Од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ бараат и референдум за дигитализација во образованието. Веќе доставија една иницијатива, но неуредна, па од вчера почнаа со ново собирање потписи.
Министерката Царовска, пак, денеска рече дека референдумот е демократско право и за тоа си има постапка, меѓутоа порача дека реформите мора да се случуваат и промени во образованието мора да има.
И покрај барањата за референдум, таа посочи дека во континуитет течат подготовките за наставата во прво и четврто одделение од учебната 2021/2022 година да почне по нови наставни програми и модернизација на образованието.
Царовска истакна дека постојано има дијалог и дека Министерството е отворено за сите засегнати што имаат конструктивни предлози, а голем дел од нив, рече, се прифатени и преточени во законското решение.
„Затоа што ако вака тапкаме во место уште две, пет, седум години, го губиме и можниот потенцијал што, ако почнеме сега, може да го создадеме за приод од пет, седум и петнаесет години, кога реално може да очекуваме учениците што сега влегуваат во основно образование потоа да излезат како попродуктивни граѓани коишто ќе бидат обучени за современото живеење“,
рече Царовска.
