Филипче го поздравува гестот на српските власти и најави дека на македонските граѓани кои првата доза ја примиле таму ќе им биде овозможена ревакцинација во земјава
Директорот на Канцеларијата за е-влада Михајло Јовановиќ, ги повика граѓаните на соседните земји, кои немаат закажано вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани, јави РТС, по денешниот метеж за вакцинирање во одредени српски градови, каде што се упатија и илјадници граѓани од соседните земји, вклучително со С Македонија.
Јовановиќ, како што пренесува РТС, потсети дека има договор меѓу стопанските комори во регионот за вакцинирање на бизнисмени, а сите што се пријавиле на тој начин и добиле состанок преку порталот за е-влада, ќе бидат вакцинирани.
И покрај долгите редици пред спортската сала во Ниш, македонски граѓани кои денеска беа таму да примат вакцина велат дека чекале од 15 до 20 минути пред да бидат вакцинирани, без закажан термин, а толку траело и чекањето на граница
Исто така, на порталот за е-влада, покрај српските државјани, странски државјани со и без престој во Србија можат да го изразат својот интерес за вакцинација против ковид-19, по што ќе добијат термин.
„Сите други треба да знаат дека, ако немаат термин, нема да можат да се вакцинираат“,
изјавил Јовановиќ за Танјуг .
Вакцинацијата на бизнисмени од регионот започна денес во Србија, како што објави РТС, за што се обезбедени 10 000 вакцини.
Околу 7 500 бизнисмени од регионот на Западен Балкан се пријавија за вакцинација овој викенд во Србија, што беше обезбедено преку регионалниот форум за инвестиции, во соработка со Владата на Србија.
Министерот за здравство Венко Филипче, во вечерашното гостување во вестите на Сител, го поздрави, како што рече, пријателскиот гест на Србија, која овозможи граѓани од нашата земја, како и другите соседни земји викендов да се вакцинираат.
„Тоа е за поздравување. Пред неколку месеци Србија ни донираше вакцини со кои ги вакциниравме здравствените работници, а сега ги отвораат вратите и за другите граѓани на соседните земји и мислам дека тоа е многу добар гест. Во моментов, кога е буквално борба за вакцини, апсолутно секоја вакцина треба да се искористи и не треба да се дозволи да помине рокот или да се уништи,“
рече Филипче.
Тој нагласи дека нашите граѓани кои првата доза ја примиле во Србија ќе имаат можност втората доза да ја примаат во нашата земја, а веќе се бара начин како граѓаните да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против ковид 19.
„Јас веќе утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видиме дали може да ги добиеме податоците електронски за да ги вградиме во нашиот систем. Доколку не ние веќе попладнево разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт „вакцинација“ за тие граѓани да можат да се пријават“,
објасни Филипче.