Припадници на оружените сили на Армијата и од безбедносните формации на МВР, здравствени работници, пожарникари, земјоделци, рудари, спортисти, фолклорни друштва, волонтери на Црвениот крст вечерва беа дел од Дефилето на независноста организирано во рамки на прославата по повод 30 години независност.
Државниот врв, претставници на институции, на граѓанското општество, верските заедници, амбасадори и други членови на дипломатскиот кор, се дел од присутните на централната прослава која е во тек во центарот на Скопје, пред зградата на Собранието.















Настанот беше отворен со премиерната изведба на симфонијата „Убави денови“ од Живоин Глишиќ, специјално напишана во чест на 30-годишнината од независноста, а ја изведе Филхармонијата на Северна Македонија под диригентската палка на Бисера Чадловска.
По дефилето, Филхармонијата повторно изведе уметнички акт кој беше сочинет од исполнување на „Ода на радоста“ од Бетовен со солисти од Националната опера и балет, како и кореографија од учениците од балетскиот оддел од средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“.
Овој дел од програмата се затвори со изведбата на антологиската „Абер дојде Донке“ во изведба на Влатко Стефановски, а во моментов во тек е обраќањето на државниот врв.