Да се поништи судењето со кое беа осудени учесниците во упадот на Собранието на 27 април 2017 година и да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните, се барањата кои денеска беа побарани преку протестот насловен како „Слобода на уставобранителите“.
Актерката Арна Шијак во обраќањењто на денешниот протест обвини дека актуелната Влада направила велепредавство на името на државата и додаде дека неприфатливо е водачите на „За заедничка Македонија“ да бидат осудени за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„Патриотите не се терористи. По повод годишнината во Собранието на 27 април 2017 година, Македонците по род и државјанството во татковината и светот, се единствени и обединети во организацијата на овој семакедонски народен протест и слобода на уставобранителите. Ова е борба за правда и слобода на татковината“,
рече меѓудругото Шијак во нејзиното обраќање.

На протестот присуствуваше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако од партијата тврдат дека тие не се директни организатори на протестот.
„Протестот е практично одраз на целокупната состојба во општеството, народот е незадоволен. Народот денеска е излезен во поддршка на луѓето кои што го бранеа Уставот. Еден ден неправедно осуден човек е како цела вечност. Бидејќи имаме судска пракса за повторно отворање на случаи, не гледам причина зошто и овој случај да не се преотвори и луѓето од слобода да имаат втора шанса да се бранат и да ја докажат својата невиност“
изјави Мицкоски на протестот.
Протестот започна во 11 часот пред Владата, по што поворката се упати кон Собранието. Македонската химна ја изведоа оперскиот пејач Игор Дурловски и пејачката Андријана Јаневска. Дурловски е единствениот кој доби ослободителна пресуда во големиот судски процес за насилствата од 27 април, додека другите обвиниети или добија високи затворски казни или беа амнестирани.












