„Нејзината уставна надлежност како претседател на Советот за безбедност за третман на прашања поврзани со безбедноста и одбраната на земјата, и да дава предлози до Собранието и до Владата, не може да се сведе на ‘очекување’ да се најде некое соломонско решение за стагнацијата/неуспехот во остварување на стратешките определби на земјата. Такви очекувања за остварување на тие определби гледаме повеќе од три децении! Народот ги избира своите претставници да му ги подобрат условите во кои актуелно опстојува, да му го подигнат стандардот, во мир и во безбедност да му проектираат и реализираат развој…“, посочува Габер во својата реакција на вчерашното интервју на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за „360 степени“
Гостувањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во емисијата „360 степени“ на МРТ буди потреба од промптна реакција, не само заради искуствата од три и полдецениското макотрпно етаблирање на земјата како самостоен, суверен меѓународен фактор, туку и како потреба од исчекор во и од нашата инертна политичка практика, реагира поранешниот дипломат Виктор Габер.

Како што посочува тој, самата изговорена референца на претседателката дека очекува да се најде некое соломонско решение за надминување на блокадите на евроинтеграцискиот пат на земјава, буди чувство на несигурност на актуелното државно раководство во остварување на јавно прокламираните стратешки определби на најзначајните политички чинители во државата.
„Реченицата изговорена на прашање за евентуалните безбедносни ризици доколку Македонија заостане во однос на брзиот прием на Црна Гора и Албанија во Европската Унија, ја отсликува таа состојба на духот кога се нема јасна проекција за сопствената позиција при најавениот развој на настани кои директно се во корелација со можните последици по безбедноста на земјата. Нејзината уставна надлежност како претседател на Советот за безбедност за третман на прашања поврзани со безбедноста и одбраната на земјата, и да дава предлози до Собранието и до Владата, не може да се сведе на ‘очекување’ да се најде некое соломонско решение за стагнацијата/неуспехот во остварување на стратешките определби на земјата. Такви очекувања за остварување на тие определби гледаме повеќе од три децении! Народот ги избира своите претставници да му ги подобрат условите во кои актуелно опстојува, да му го подигнат стандардот, во мир и во безбедност да му проектираат и реализираат развој…“,
посочува Габер.
Според него, соломонското решение што го спомнува претседателката, не треба да се очекува, тука да се изработи и да се загризе во неговата суштина.
„Па и таквото соломонско решение не треба да се ‘очекува’, туку треба да се изработи, да се ‘загризе’ во неговата суштина, имајќи ги превид токму тие стратешки определби кои произлегуваат од наталожените историски искуства на овој народ, пред се на Македонците и на другите граѓани на нашата држава. Да, токму тие искуства од минатото ја трасираа определбата на сите најзначајни општествени и политички фактори за утврдување на евроатланските стратешки цели на државата…, во нивните програмски документи или јавни настапи, по било кој повод. Меѓутоа, користењето на библиската аура на Соломон, заради неговата авторитарна и полигамиска практика во четиридецениското управување со Израел, го засенува неговото владеење и економскиот развој базиран на трговскиот процвет, како и политикантскиот успех во балансирањето на односите со околните племиња. Крахот на неговото владеење заради расипничките практики, како да не е соодветно за изнаоѓање на наше ‘некакво решение’, како што ни предочува претседателката. На крајот на краиштата дали ни треба ‘некакво решение’ без суштина и трајност?“,
прашува Габер.
Секако, додава тој, дека може да се охрабри било која најава за евентуален исчекор кон евентуално „соломонско решение“, ако под тој термин се подразбере решение кое е компромисно, мирољубиво и просперитетно, но не и „очекување“ некој друг да ни го наметнува, а ние само да го „очекуваме“ тоа „некакво соломонско решение“.
„Меѓутоа, заради развојот на најактуелните геополитички разврски, саатот немилосрдно отчукува за преземање на чекори со храбри и аргументирани одлуки во остварување на развојни и безбедносни политики. Историјата меморира визионери кои откриваат и создаваат перспективи, независно од актуелните предизвици!“,
заклучува поранешниот дипломат.
Претседателката Сиљновска-Давкова, вчера во интервју за „360 степени“, на прашањето, дали според неа има ризици и долгорочни последици по земјава од евентуално брзо зачленување на Црна Гора, а пред сѐ на Албанија, во ситуација во којашто земјава ќе остане надвор од тој процес, одговори:
Гордана Сиљановска-Давкова: Добро, ама јас можам, Васко, со контрапрашање да ви одговорам. Има ли ризици па докажани досега, ние уште еднаш да го смениме Уставот, а ништо да не исчекориме повторно?
360 степени: Јас само ве прашав, дали се прават анализи?
Гордана Сиљановска-Давкова: Се прават, се разбира. Затоа ние гледаме интегрално и јас не можам а да не кажам дека сум им неверојатно благодарна на Словенија и на Хрватска. Бидејќи тие се внатре. Меѓутоа, имаат посебна одговорност оти во добро и во зло 50 години сме биле заедно. Тие се иницијаторите и на пријателската група, Вишеградската група е пријателска група. Австрија е пријател, Италија е пријател и јас очекувам да се најде некое соломонско решение.
