Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, велат од ФЗО
Фондот за здравствено осигурување врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи, со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори, велат од ФЗО. Во сите установи, како што посочуваат, се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод. Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, велат од Фондот за здравствено осигурување и додаваат дека по сопствен наод, имаат извршено девет контроли за приватно наплатени средства.
„Сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство. Фондот, во рамки на своите овластувања, ќе продолжи да работи на спречување на евентуални неправилности во користењето на финансиските средства“,
наведуваат од Фондот за здравствено осигурување.

Реакцијата на ФЗО следува по изјавата на кардиологот Сашко Кедев, кој кажа дека во приватните болници се вршат непотребни операции заради профит. Во гостување во емисијата „Стадион“, тој пренесувајќи го своето искуство, но и на негови колеги, рече дека најголемиот дел од неговата консултативна активност ја поминува во одвраќање луѓе од непотребни интервенции.
„Имаме пролиферација на приватни болници, на коишто интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка, тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, коешто треба релевантните институции да преземат нешто, пред сè Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит“,
рече Кедев.
На изјавата вчера реагираше и Министерството за здравство, од каде што соопштија дека ќе има итна проверка на тврдењата што се споделени во јавноста за можни непотребни медицински интервенции. Со цел да се добие целосна слика, од Здравство порачаа дека ќе се спроведат итни и вонредни надзори.
Министерот за здравство Азир Алиу најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ќе вклучува и двонасочна размена на информации меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот „Мој термин“. Според Министерството, ова ќе овозможи јасна слика за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.