„Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец. Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот“, велат од ФЗО

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ги демантира тврдењата на СДСМ дека исплатата на надоместоците за породилно отсуство доцни 30 дена. Директорот на Секторот за комуникации и административна поддршка на ФЗО, Ирфан Лимани, потенцира дека доцнењето, доколку постои, е исклучиво поради доцнење во пријавата или исплатата на платите од страна на работодавачите.
„Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец. Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот“,
истакна Лимани.
Лимани вели дека надоместот е процес директно поврзан со работодавачот на осигуреничката.
„Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот“,
се додава во реакцијата.
Потоа, додава Лимани, се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН-пресметка, по што пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано.
Најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но исплати има и потоа до крајот на месецот.
„Буџет за надоместоци има, и доказ за тоа дека заклучно во октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6 268 предмети на породилно отсуство. За споредба, во септември 2025 година биле обработени 7 319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари. Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“,
додава Лимани.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска на прес-конференција рекоа дека владата на Христијан Мицкоски ги има оставено мајките и новороденчињата без основната финансиска сигурност што им следува по закон и оти породилниот надомест доцни и до 30 дена.
Според партијата, оваа ситуација е директен резултат на неспособноста и расипничките приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски бидејќи, според неа, вакво доцнење никогаш не се случило во минатото, дури ни за време на светска економска криза или хакерски напади на Фондот.
