Од ФЗО нагласуваат дека ова преодно решение ќе биде во функција сè додека Министерството за социјална политика, демографија и млади не воспостави непречена електронска достава на податоците

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во координација со Министерството за социјална политика, демографија и млади, воспостави нов привремен механизам за остварување на правото на ослободување од партиципација за лицата со попреченост. Ова решение е воведено за да се спречат застои во остварувањето на правата на овие лица поради технички проблеми меѓу системите на двете институции.
Иако е предвидено податоците за лицата со попреченост да се разменуваат автоматски по електронски пат, моментално постои техничка неможност системот на Министерството да ги префрли информациите до Фондот. Додека не се отстрани овој дефект, воведена е административна процедура за правата на граѓаните да не бидат доведени во прашање.
За да го остварат своето право лицата со попреченост ќе добијат решение за ослободување од плаќање партиципација издадено од надлежниот Центар за социјална работа.
Решението се доставува до подрачната служба на ФЗО според местото на живеење, по што службените лица од Фондот веднаш го внесуваат податокот во електронскиот систем.
Штом податокот е внесен, тој станува видлив за сите јавни и приватни здравствени установи и аптеки преку електронскиот систем „Мое осигурување“.
Евиденцијата во системот „Мое осигурување“ е официјална основа според која здравствените установи и аптеките се должни да постапуваат и да не наплаќаат партиципација.
Од ФЗО нагласуваат дека ова преодно решение ќе биде во функција сè додека Министерството за социјална политика, демографија и млади не воспостави непречена електронска достава на податоците.
