Хелиумот, како што вели Клековски, е една од суровините погодени од војната во Иран, а без него не можат да работат апаратите за магнетна резонанца
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски денеска соопшти дека е упатено предупредување до јавните здравствени установи (ЈЗУ) што имаат апарати за магнетна резонанца да ја проверат снабденоста со хелиум оти по војната во Иран неговата цена постојано расте.
Како што посочи тој, цената на хелиумот на европскиот пазар е порасната за 30 отсто, се очекува постојано да галопира, а постои можност и наскоро да не биде достапен.

Хелиумот, како што додаде, е една од суровините погодени од војната во Иран, а без него не можат да работат овие апарати.
„Хелиумот е неопходен за работа на апаратите за магнетна резонанца. Затоа побаравме ЈЗУ да направат навремени проверки додека сè уште има достапен хелиум на европскиот пазар“,
вели Клековски.
Инаку, конфликтот во Иран го попречува и снабдувањето со хелиум за европскиот пазар. Иранските напади предизвикаа и штета на катарските постројки за течен природен гас прекинувајќи ја доставата на околу 30 отсто од глобалните потреби. Тоа доведе до двојно зголемување на цените и недостиг на хелиум.
