На почетокот на 2023-тата година во Фондот за здравство имало само тројца редовно вработени и тројца времено ангажирани ИТ-инженери, а според систематизацијата на институцијата требало да бидат 36. Згора на сѐ, претходната 2022 година не била набавена надворешна поддршка за ИТ-безбедност, утврдил Државниот завод за ревизија
Друга голема забелешка на работењето на Фондот за здравствено осигурување во 2023-тата година е што не се водела соодветна евиденција за резултатите од лекувањето на пациентите кои се праќаат во странство, па државата нема список на болници надвор од државава според резултатите кои ги покажале во одредена дијагностика

Државниот завод за ревизија денеска објави извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2023 година, во кое се изразува резерва и за финансиското работење и за усогласеноста на работењето со законите и прописите.
Изразената резерва не е за целокупното работење, туку за точно определени наоди и области.
Имот
Според ревизорите, презентираната документација не содржи целосни и усогласени податоци за запишаното право на Фондот на сопственост и/или користење на дел од објектите кои ги користи. Дел се дивоградби, дел се добиени преку стечајни постапки, а за трети не се запазени други процедури:
- за градежни објекти во осум подрачни служби не е извршено запишување на правото на сопственост. Во 2016 година за истите поднесени се барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти до
Министерството за транспорт и врски. И покрај доставените барања и ургенции во повеќе наврати, до денот на ревизијата Фондот нема повратни информации за решавање на статусот на овие објекти; - Фондот има обезбедено имотен лист со запишано право на сопственост или користење на градежни објекти во шест подрачни служби чија вредност не е проценета и не се внесени во деловните книги на Фондот, од кои
повеќето се добиени во стечајна постапка; - Земјиште во седум подрачни служби за кое не е извршена процена на пазарната вредност и евидентирање во деловните книги.
Има и други недостатоци кога е во прашање имотот, поради што ревизорите препорачуваат да се реши статусот на сите објекти со надлежните министерства и да се воспостави комплетна евиденција.
Лекување во странство
Државните ревизори утврдиле дека во постапките за лекување во странство постојат повеќе слабости и неправилности. Првенствено самиот Фонд не успеал да ја ипочитува обврската да донесе одлука за лекување во странство во законскиот рок од 45 дена за 16% од пациентите кои таа година го побарале тоа. Дел од луѓето чекале и повеќе од 100 дена, што ревизорите го толкуваат како влијание на остварувањето на правото на здравствена заштита.
Вкупно, во 2023 година, биле поднесени 356 барања за лекување во странство, од кои биле одобрени 306. Голем проблем нотиран од ревизорите е што потоа не се следи исходот од лекувањето на пациентите.
Од страна на Фондот не е воспоставен соодветен систем на следење, ниту, пак, се прават анализи на ефектите и успешноста на лекувањето во медицинските установи во странство и во земјата. Имено, не се применуваат одредбите од член 31 и член 32 од Правилникот согласно кои најдоцна 7 дена по завршување на лекувањето, осигуреното лице треба до Фондот да достави писмен извештај со потребната и друга документација, лекарот координатор да достави медицински извештај за успешноста на лекувањето, додека назначени лица во Фондот треба да ги разгледуваат, анализираат и следат медицинските извештаи за успешноста на лекувањето
„Не е воспоставена листа на болници во која ќе биде содржана и успешноста во лекувањето на различни дијагнози, која ќе послужи како основ за упатување на лекување на идни осигуреници и критериум врз основа на кој се врши изборот на овие медицински установи“,
се вели во дел од извештајот на ДЗР за ФЗОРСМ
Ревизорите утврдиле пропусти и во финансикото работење кога станува збор за лекувањето во странство.
„За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат 300 292 илјади денари (околу 4,8 милиони евра) не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите“,
се посочува во соопштението на ДЗР.
ИТ-систем со „спуштени гаќи“
Кога е во прашање работењето во согласност со законите и прописите, најголемата забелешка на ДЗР е во областа на електронско работење на Фондот и чувањето на податоците на осигурениците. Во извештајот е објаснето и како дојде до хакерскиот упад во електронскиот систем на ФЗОМ, што, пак, го загрози давањето здравствени услуги во земјата.
Во тој момент, од предвидени 36 лица според систематизијата, во ИТ-секторот имало само тројца редовно вработени и уште тројца со договор на дело. Поради овој и другите внатрешни недостатотици Фондот најмувал надворешни фирми за да ги покрие празнините. Но…
„Иако била предвидена, во 2022 година не е спроведена набавката на ‘Услуга за поддршка на системска и мрежна инфраструктура, безбедноста на ИТ-системот’, со која, во услови на недоволно вработени во Секторот за ИТ на Фондот, требало да се обезбедат потребните услуги од надворешен добавувач за мониторирање и правовремено реагирање во случај на алармирање за нарушување на безбедноста на системот. По настанатиот сајбер-напад во 2023 година спроведена е постапка и склучен е договор за дел од предвидената набавка во 2022 година, а во октомври 2024 година склучен е договор за систем за сајбер-безбедност“,
нотираат ревизорите.
Дел од овие недостатоци сега се надминати. Но, дел допрва треба да се реализираат, пишуваат во извештајот на ДЗР.
Други недостатоци
Во извештајот на ДЗР се посочува и на отсуство на единствен интегриран систем за упати, лекарски извештаи и фактурирање, како и слабости во спроведувањето на контролите во здравствените установи од страна на Фондот.
Според ревизорите, контролите за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени и не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги.
„Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи, создава ризик од пропусти и грешки. Новите вградени системски контроли во ИТ-системот на Фондот за фактурираните рецепти од аптеките и постојниот мануелен начин на контрола на рецептите од аптеките не се целосни и доволно ефикасни, а системот еРецепт сѐ уште не е воспоставен“,
се наведува во соопштението од ДЗР.
Ревизорите обелоденуваат отсуство на целосни информации за побарувањата по основ на неплатен придонес за здравствено осигурување, а наплатата на овие побарувања кои настанале заклучно со 2008 година е неизвесна.
Неизвесен е и крајниот исход на судските постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна во земјата во износ од 5,2 милиони евра и во странство во износ од 420 илјади евра, како и тужител со вкупна вредност од 1,1 милиони евра.
Референтните цени за здравствени услуги кои паѓаат на товар на Фондот не се ажурирани и не ги одразуваат реалните трошоци и придонесот за задолжително здравствено осигурување за граѓаните кои не се здравствено осигурени по ниеден основ не е целосно исплатен од страна на Министерството за здравство.
Листата на лекови на товар на Фондот не е ажурирана од 2014 година согласно новата методологија, а во 2024 година е дополнета со само осум лека.