Оценувајќи ја неодговорна и недолична, од ЗНМ велат дека особено загрижувачки е што комуникацијата упатена кон поралот „Рацин“ доаѓа од јавни функционери, бидејќи, како што велат, освен што со неа го девалвираат угледот на институцијата што ја претставуваат, ваквите изјави можат да поттикнат зголемена омраза во јавниот дискурс
Речникот во кој новинарите се нарекуваат „измеќари” создава непријателска атмосфера за работа на новинарите и може да се протолкува како обид за притисок врз слободата на изразување и медиумската независност.
Ова е дел од реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во врска со комуникацијата преку социјалните мрежи на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, насочена кон редакцијата на порталот Рацин.мк.

Оценувајќи ја неодговорна и недолична, од ЗНМ велат дека особено загрижувачки е што ваква комуникација доаѓа од јавни функционери, односно партиски експоненти, бидејќи освен што со неа го девалвираат угледот на институцијата што ја претставуваат, ваквите изјави можат да поттикнат зголемена омраза во јавниот дискурс.
„Во демократско општество, јавните функционери имаат обврска да негуваат културен и одговорен однос со медиумите, да ја почитуваат нивната работа и да се воздржат од квалификации, дискредитации и навреди. На располагање постојат саморегулаторни тела како Советот на етика во медиумите на Македонија и Советот на честа при ЗНМ, каде што секој поединец, вклучително и јавните функционери, може да поднесе претставка доколку смета дека одреден медиум објавил содржина која не е во согласност со професионалните и етичките стандарди“,
велат од ЗНМ.
Здружението упаити повик до јавните функционери, вклучително и до Богојески, да ја почитуваат слободата на медиумите, а доколку имаат забелешки за новинарските содржини да ги искористат институционалните механизми наместо да се впуштаат во навредливи и омаловажувачки коментари на социјалните мрежи.