
Премиерот Зоран Заев, министри, градоначалници, амбасадори, претставници на НАТО, судии, обвинители и околу 40.000 административци денеска учествуваа во масовна еко-акција со која се приклучија на акциите кои ги спроведува невладината организација „Не биди ѓубре“. Со акцијата го одработија 2 јануари 2019 кога имаа слободен ден.
Секторски се собраа на повеќе од 20 локации, а оттаму во групи опремени со ракавици и по некоја метла почнаа да ги полнат вреќите со ѓубре.
„Доследно почитување и практикување на овие принципи претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Се надеваме дека на овој начин ќе влијаеме и на свеста на граѓаните и севкупно врз граѓаните за да успееме да ги сочуваме локациите откако ќе заврши оваа акција“, порача Заев.

Тој ја предводеше владината делегација која чистеше во дворот на основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пак, беа во групата која чистеше на една од „најболните точки“ кога е во прашање екологијата во главниот град. Тие честеа на кејот на Вардар, околу Музејот на современа уметност, каде се наоѓа дивата картонска населба.

Покрај чистењето, од импровизираните живеалишта тие „иселија“ 14 семејства.

„На 14 семејства или околу 80 лица кои престојуваа овде им обезбедивме соодветно топло живеалиште во институциите на МТСП. Обезбедивме топол дом каде лицата кои живеа под отворено небо ќе го поминат зимскиот период“, порача Цароска.

„Скопје мора и може да биде почист град, а за тоа покрај реформите во начинот на функционирање на службите задолжени за тоа, неопходно е и секој од нас како граѓанин да обрнува внимание на одржувањето на хигиената во градот. Скопје е нашиот заеднички дом, затоа верувам дека можеме да успееме да го одржуваме чист, исто како дома“, рече Шилегов.
На терен за расчистување на дивата населба излезе и механизација.

И администрацијата од одбраната и припадниците на Армијата ја завршија задачата. Во акцијата, се пофали министерката Радмила Шекеринска, им се придружиле првите луѓе на канцеларијата на НАТО и канцеларијата на САД за одбранбена соработка.

Наполнија, како што пренесе Шекеринска, стотици ќеси со ѓубре.

Се чистеше и кај Акведуктот. Од функционерите таму беше министерот за животна средина Насер Нуредини.

„Ова е прв пат целата администрација вака масовно да излезе надвор од канцелариите, да ги поддржи граѓанските иницијативи и организации и заедно со нив да го собере отпадот како резултат на нашето несовесно однесување и кон природата и кон урбаната средина во која живееме“, рече министерот.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, со група администратици чистеше на кејот на Вардар кај МРТВ.

Во оваа група учествуваше и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Рената Дескоска, пак, со првите луѓе во правосудството напладне се сретна во центарот на Скопје кај катната гаража „26 Јули“. На зборното место пристигнаа државниот обвинител Љубомир Јовески, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев.

Оттаму, се распоредија во групи, а пред да се упатат на конкретни локации, Дескоска симболично ја предаде метлата на судската власт и им порача дека сега тие треба да ја амортизираат и да заметат.

Акцијата „Администрацијата чиси со ‘Не биди ѓубре’“ опфати дваесетина локации и тоа: Сарај – Tреска, Аквадукт и канал Момин поток, СЦ Борис Трајковски, Кале, Музеј на современа уметност, Касарна Илинден, Јужен булевар, улица Бихачка, Спортска Гимназија М.М. Брицо, Железничка и автобуска станица, улица Џон Кенеди, Собрание, улица Македонија, МКЦ И МРТВ, касарна Гоце Делчев, улица Ферид Бајрам (Населба Бутел), улица Александар Урдаревски, Eвропска очна болница – Јурија, улица индустриска и кеј на реката Вардар. Масовно учесвуваат и општините, како и во повеќе општини низ републиката.
Локациите каде се спроведе масовната акцијата можете да ги погледнете на мапата во продолжение.