Политиката на проширување воопшто не функционира, ЕУ мора итно да го промени однесувањето, вели поранешниот евроамбасадор
Ветото на Бугарија за евроинтеграцискиот процес на земјава е срамен чин на бугарската Влада, но тоа е и срамен чин за ЕУ затоа што не успеа да спречи земја-членка да ја киднапира политиката на проширување за да ја промовира својата националистичка агенда на начин кој е спротивен со сите вредности на ЕУ, вели поранешниот евроамбасадор во земјава, Ерван Фуере, во интервју за ТВ24.
„Се воодушевувам на истрајноста на македонската Влада и особено на граѓаните на кои им беа дадени многу ветувања за прифаќање на Преспанскиот договор, со перспектива дека тоа ќе ја отвори вратата за членство во ЕУ и преговори за членство, а на секој чекор бевте напуштани од ЕУ. Неуспех е на ЕУ што не го одржа ветувањето на многу флагрантен начин и мислам дека тоа покажа недостиг на разбирања во ЕУ од опасностите што и се закануваат ако продолжи со ваквата полктика“,
вели Фуере.
Тој вели дека ЕУ има свои вредности, но не ги почитува во некои области, а една од нив која директно ги засега Северна Македонија и регионот е политиката на проширување, која како што вели Фуере воопшто не функционира.
„Тоа е неуспех на Европската Унија целосно да ги разбере негативните последици од последните ќорсокаци и бугарското вето, не само врз шансите за процесот на пристапување кон ЕУ, туку и врз граѓаните кои ја гледаа перспективата во европската иднина“,
вели Фуере.
Поранешниот евроамбасадор нагласува дека обидите на Бугарија да ги внесе историјата и идентитетот во процесот на проширување на ЕУ, претставуваат дополнителен удар врз политиката на Унијата за проширување и ја поткопуваат нејзината позиција не само во регионот, туку и во светот.
„Со тоа ЕУ не ги почитува своите ветувања, не ги почитува своите заложби кон регионот. Ако потфрли во своето непосредно соседство, тогаш повеќе нема смисла за ЕУ. Така што Европската Унија мора итно да го промени однесувањете,“
вели Фуере, додавајќи дека Брисел не презема доволно мерки против оние нејзини членки кои ги поткопуваат европските вредности.