Поранешниот евроамбасадор во Скопје жали што многу од случаите од „ерата на Груевски“ не добија завршница
Oд критична важност e во јуни да се донесе одлука за почнување на процесот на преговори, со отворањето на првите поглавја, вели, разговор за МИА, поранешниот амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, Ерван Фуере.
„Витално е одлуката донесена во март да биде потврдена и да се постигне согласност за следниот чекор, одредување датум за старт на пристапните преговори. Многу време веќе се изгуби и пред коронавирусот минатата година, посебно со француското вето. Сега, справувањето со вирусот сите ги засега, но тоа не треба да го одложи почнувањето на преговорите. Одредувањето датум ќе ги фокусира и ЕУ и земјите од Западниот Балкан на реформите што се и тоа како потребни“,
вели Фуере.
Фуере нагласува дека Европската унија, и покрај кризата, успеа да го задржи Балканот на врвот на приоритетите.
„Немаше да ја донесат одлуката во март, среде кризата со коронавирусот, ако сѐ уште постоеше двоумење околу тоа. Одлуката е донесена, а сега е важно е таа да дојде до израз. Многу ќе зависи и од преговарачката рамка што ќе биде презентирана на почетокот на јуни, заедно со извештаите за земјите, но сето ова би требало да го забрза процесот и да потврди дека процесот на проширување е сѐ уште многу жив и дека има вистинска, многу конкретна перспектива за Западниот Балкан“,
објаснува поранешниот ЕУ – амбасадор.
Тој потсетува дека на Северна Македонија сѐ уште и претстои реформска работа, пред сѐ во однос на борбата против високата корупција, организираниот криминал и владеењето на правото, и жали што многу од случаите од „ерата на Груевски“ не добија завршница.
Затоа, според него, важно ќе биде во процесот на преговори со ЕУ да се воведат ефикасни механизми на мониторинг на имплементацијата на реформите. Според Фуере, новата методологија на преговори нема да биде доволна.
