Ова беше најголемото разочарување во мојот живот, рече италијанскиот селектор Манчини по синоќешниот пораз, додека ветеранот во италијанската репрезентација Киелини рече дека поразот е огромно разочарување за нив и дека се „уништени и здробени“
Разочарување и неверување беа дел од зборовите кои се најдоа во изјавите од италијанската фудбалска репрезентација по вчерашната сензационална победа што ја остварија македонските фудбалери над Италија во Палермо во рамки на баражот за Светското првенство во Катар годинава.
Нашите фудбалери, пак, вечерва треба да се вратат во Скопје и да се свртат кон финалниот меч од баражот кој го играме веќе во вторник (29 март) во Порто против Португалија која синоќа ја победи Турција.
Предвидено е македонската фудбалска експедиција со чартер-лет од Палермо да пристигне на скопскиот аеродром околу 18 часот, а селекторот Благоја Милевски ќе ги искористи деновите од викендот за мини подготовки против Португалците. Фудбалерите на овој дуел ќе бидат посилни Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, кои го пропуштија вчерашното полуфинале во Палермо поради жолти картони.
Поразената Италија која е актуелен европски шампион, пак, по синоќешниот дуел не го криеше разочарувањето од поразот. Селекторот Роберто Манчини го спореди неуспехот околу пласманот на Светското првенство со освојувањето на Европското првенство минатата година.
„Тоа беше најубавото искуство во мојот живот, а ова беше најголемото разочарување. Прерано е да се зборува за иднината. Не можеме да кажеме ништо, тоа е фудбалот, понекогаш се случуваат неверојатни работи и тоа се случи. Морам да кажам, сега повеќе се грижам за моите момци отколку во јули. Ова е толку тежок момент, мојата наклонетост кон нив е огромна. Премногу е рано да се каже што ќе се случи понатаму, бидејќи има такво разочарување, но во исто време ова е тим од одлични играчи со светла иднина“,
изјави Манчини.
И ветеранот во италијанската фудбалска репрезентација Џорџо Киелини синоќа не можеше да поверува што ѝ се случи на неговата репрезентација во дуелот против македонските фудбалери.
„Тешко е да се објасни. Огромно разочарување за нас. Одигравме добар натпревар, но не можевме да постигнеме гол. Од септември до денес направивме грешки и плативме за нив. Јасно е дека сме уништени и здробени, ќе остане голема празнина во нас. Имаме многу добри млади играчи и ќе се обидеме да одиме да го освоиме следното ЕУРО и да се пласираме на СП 2026. Вечерва не примивме ништо освен голот. Создадовме многу шанси, но за жал не успеавме да реализираме. Се надевам дека оваа празнина ќе ни даде поттик да започнеме повторно, сè уште се надевам затоа што Манчини се покажа како одличен тренер и може да ни помогне да се рестартираме“,
истакна Киелини.
Македонија ја победи Италија со 1:0 со голот на Александар Трајковски во 92. минута.
Photo: EPA-EFE/CARMELO IMBESI