Фотографијата со наводната рендгентска снимка е објавена како дел од истрагата за експлозијата на мостот Керч, во рамките на која, како што беше соопштено утрово, уапсени се осум лица
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави, како што тврдат оттаму, рендгенска снимка од товарот во камионот што експлодира викендов на мостот Керч што ја поврзува Русија со Крим, јавува „Гардијан“.

Автентичноста на фотографијата и нејзиниот извор засега не се потврдени од независен извор.
Фотографијата со наводната рендгентска снимка е објавена како дел од истрагата за експлозијата на мостот Керч, во рамките на која, како што беше соопштено утрово, уапсени се осум лица.
ФСБ ја посочи главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана и нејзиниот шеф Кирил Буданов како главни виновници за експлозијата, наводи кои од страна на украинскиот министер за внатрешни работи Андриј Јусов беа оценети како „бесмилици“.
Како што пренесе Интерфакс, повикувајќи се на ФСБ, петмина од уапсените за експлозијата на мостот се Руси, а тројца се државјани на Украина и Ерменија.
Руската Федерална служба за безбедност тврди дека експлозивите што предизвикале уривање на дел од мостот биле испратени од Одеса преку Бугарија, Грузија и Ерменија. Тасс пренесува дека товарот со експлозиви бил испратен до непостоечка компанија на Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Вчера агенцијата БГНЕС пренесе дека во врска со шпекулациите и обидите за вмешување на Бугарија во експлозијата на мостот на Крим, по наредба на премиерот, е извршен увид од безбедносните служби. Несомнено е утврдено дека камионот што се разнесе на мостот на Крим никогаш не бил на територијата на Република Бугарија, која беше посочена како појдовна точка за неговата траса.
Според руските медиуми, камионот што експлодираше на 8 октомври 2022 година превезувал полиетиленски филм. Од проверката на бугарските служби е утврдено дека на територијата на Бугарија, од друга земја членка на ЕУ, во контејнер со уредни документи под транзитен режим била внесена стока со слични карактеристики.
За време на престојот на предметната стока во Бугарија, таа била под царински надзор и ја напуштила државата во истиот контејнер преку пристаништето Бургас на 17.09.2022 година во правец на друга земја, не во Русија.
Експлозијата на Керчкиот мост се случи во саботата наутро при детонација на камион натоварен со експлозив што предизвика да се запалат и цистерни со гориво во возот што во тој момент поминувал таму. Во експлозијата загинаа три лица.