По него, заклетва положија и членовите на владата, која во понеделник треба да ја одржи конститутивната седница
Новиот германски канцелар Фридрих Мерц денеска доцна попладне положи заклетва во парламентот (Бундестаг), со што и официјално стана десеттиот канцелар во историјата на земјата, пренесоа светските медиуми.

„Се колнам дека ќе ја користам мојата моќ за доброто на германскиот народ и во негова корист, дека ќе го бранам од зло, дека ќе го штитам уставот и законите, дека совесно ќе ги извршувам моите должности и ќе бидам праведен кон сите. Затоа, нека ми помогне Бог“,
рече Мерц за време на заклетвата.
По него, заклетва положија и членовите на владата, која во понеделник треба да ја одржи конститутивната седница.
Претходно, лидерот на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) беше во замокот Белви, каде од претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, доби потврда дека е избран за нов канцелар на земјата.
Мерц беше избран за канцелар неколку часа претходно, кога 325 пратеници го поддржаа во вториот круг од гласањето.
Во првиот круг, тој доби 310 гласови, шест помалку од потребниот минимум. Најмалку 18 претставници на Унијата ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), кои ја формираат коалициската влада и заедно имаат 328 мандати, не гласаа за него.
Ова беше првпат во германската историја канцелар да не биде избран во првиот обид.
Новиот германски канцелар утре треба да отпатува во Франција и Полска, први земји што ќе ги посети по стапувањето на функцијата, а в петок треба да пристигне во Брисел.
Главни приоритети на неговата коалициска влада, како што ги наведе тој, ќе бидат оживување на економијата, обнова на одбранбените капацитети на земјата и запирање на нерегулираната миграција. На меѓународно ниво, Мерц сака да го зајакне единството и соработката во рамките на Европската Унија (ЕУ).
Претходната влада на социјалдемократите, либералите и зелените се распадна на почетокот на ноември минатата година откако социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц го разреши либералниот министер за финансии Кристијан Линднер по долготрајни спорови.