Трамп најави дека од први февруари ќе воведе нови царини кои може да пораснат и до 25 проценти, тврдејќи дека поради националната безбедност и присуството на Русија и Кина на Арктикот, САД мора да ја преземат контролата врз островот
Данската премиерка Мете Фредериксен испрати остра порака по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини кон осум европски земји доколку не се постигне договор за продажба на Гренланд. По објавувањето на заедничката изјава на Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија, Фредериксен истакна дека нејзината влада имала интензивен дијалог со сојузниците и дека добиваат силна поддршка.
„Сега е уште појасно дека ова е прашање што е надвор од нашите сопствени граници. Затоа е уште поважно да останеме цврсти во основните вредности врз кои е создадена европската заедница. Ние сакаме да соработуваме и не сме тие што бараат конфликт. Задоволна сум од конзистентните пораки од континентот: Европа нема да биде уценувана“,
кажа Фредериксен.

Трамп најави дека од први февруари ќе воведе нови царини кои може да пораснат и до 25 проценти, тврдејќи дека поради националната безбедност и присуството на Русија и Кина на Арктикот, САД мора да ја преземат контролата врз островот.
На ова, францускиот претседател Емануел Макрон одговори со повик Европската Унија да го искористи својот инструмент против принуда, таканаречената „трговска базука“. Тоа е алатка што ѝ овозможува на Унијата да блокира странски компании да инвестираат или да учествуваат на тендери во земјите-членки кога врз нив се врши економски притисок.
Дека Брисел нема да молчи потврди и ирскиот премиер Мајкл Мартин, кој најави дека ЕУ очигледно ќе возврати на американските царини доколку стапат на сила, иако смета дека повиците за активирање на механизмите за принуда се прерани пред да се исцрпи дијалогот.
Загриженост од ескалација изразија и нордиските лидери. Премиерот на Норвешка, Јонас Гар Сторе, предупреди на опасноста од спирала без контрола.
„Мислам дека би требало да бидеме многу внимателни за да не дојде до трговска војна која би излегла од контрола. Мислам дека никој нема да има корист од неа“,
вели Сторе.
Сличен став дели и финскиот премиер Петери Орпо, кој нагласи дека безбедноста на Арктикот е клучна, но дека царините им штетат на сите.
„Ставот на Финска е дека сите прашања помеѓу сојузниците треба да се решаваат преку разговори, а не преку притисок. Ние се стремиме да ја зачуваме безбедноста на Арктикот заедно со сите наши сојузници, почитувајќи го територијалниот интегритет на Данска и Гренланд“,
кажа Орпо.
Во заедничката изјава, осумте држави заклучија дека заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна спирала надолу, потврдувајќи ја својата обединетост во заштитата на суверенитетот.
