Погледнете го овој октопод, на врвот е секако Мицкоски. Но, започнуваме од едно име за кое Мицкоски не сака да се зборува – Душан Адамовиќ. Мицкоски го назначи за почесен конзул во Србија, а 15 дена бегаше од одговор за неговата поврзаност. Преку Адамовиќ, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО, доаѓаме до офшор компанија од Кипар, од каде почнува одмотувањето на ова бизнис-енергетско клопче. Од офшор структурата, на Кипар е компанијата ’Алтариа Рисрч Лимитед’, која води до ’Руднап Груп’, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаревиќ, кажа Фрчкоски
СДСМ преку својот антикорупцискиот тим (АКТ) ја објави, како што велат, бизнис мрежата на Христијан Мицкоски во енергетиката. На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, кажа дека мрежата се протега од офшор компании, преку регионални бизнис партнери, до поставување на блиски луѓе на клучни функции во државните институции. Според него станува збор за релации директно поврзани со бизнисот со струја.
„Погледнете го овој октопод. На врвот е секако Мицкоски. Но, започнуваме од едно име за кое Мицкоски не сака да се зборува – Душан Адамовиќ. Мицкоски го назначи за почесен конзул во Србија, а 15 дена бегаше од одговор за неговата поврзаност. Преку Адамовиќ, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО, доаѓаме до офшор компанија од Кипар, од каде почнува одмотувањето на ова бизнис-енергетско клопче. Од офшор структурата, на Кипар е компанијата ’Алтариа Рисрч Лимитед’, која води до ’Руднап Груп’, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаревиќ“,
рече Фрчкоски.

Според него, во оваа шема станува збор за директна врска со Владата и премиерот Мицкоски, преку министерката за енергетика Сања Божиновска.
„Тука Мицкоски има уште еден свој човек – министерката за енергетика Сања Божиновска, која се поврзува директно со ’Руднап’. Таа била извршен директор во ’Руднап Груп’ и управител во ’Руднап ДООЕЛ Скопје’. Кругот меѓу бизнис интересите во енергетиката и политичките позиции се заокружува и со поставување на други луѓе на клучни функции. Во Развојната банка Мицкоски ја назначува сопругата на неговиот партнер во хидроцентралите, Ефимија Димовска. За секој бизнис потребна е банка. Во РЕК Битола, најголемиот производител на струја, директор станува Иван Куковски – близок до семејството на Мицкоски и поранешен советник на Божиновска. Зошто е важен РЕК? Бидејќи кога се произведува помалку струја, Македонија мора да увезува скапа струја од надвор“,
додаде тој.
Фрчкоски најави дека во следниот период ќе откријат нови сегменти, кои отвораат нови линии на поврзаност.
„Адамовиќ е партнер со ’Руднап’, каде сопственик е Војин Лазаревиќ. ’Руднап’ е исто така партнер со ’Ал Дахра’, компанија која се поврзува со проектот „Белград на вода“. За таков сличен проект „Скопје на вода“ се зборуваше во Македонија. Но за овој сегмент од мрежата ќе откриваме понатаму. Оваа мрежа допрва ќе се одмотува“,
кажа Фрчкоски.
