Предлогот против централнодесничарскиот кабинет на Бајру го поднесоа социјалистите поради незадоволство од пристапот на премиерот кон прашањето за пензиската реформа, јавува ДПА
Француската малцинска влада на премиерот Франсоа Бајру денеска треба да се соочи со гласање за недоверба во националното собрание, јави ДПА.
Предлогот против централнодесничарскиот кабинет на Бајру го поднесоа социјалистите поради незадоволство од пристапот на премиерот кон прашањето за пензиската реформа, додава германската агенција.

Набљудувачите очекуваат гласањето да не успее и владата да остане бидејќи крајнодесничарските националисти предводени од Марин Ле Пен немаат намера да ја повлечат својата поддршка за владата.
Во заднината на спорот се консултациите иницирани од Бајру во врска со амандман на контроверзната пензиска реформа од 2023 година, која првично му ја обезбеди на Бајру поддршката од социјалистите. Меѓутоа, консултациите не успеаја и како резултат на тоа, социјалистите поднесоа предлог за гласање за недоверба. Тие го обвинуваат Бајру дека го прекршил дадениот збор за оваа реформа и повеќе не стои на ветувањето дека парламентот ќе го има последниот збор за сите потенцијални промени во пензиската реформа, пренесува ДПА.
Пензиската реформа предизвика масовни протести во Франција на почетокот на 2023 година. Суштината на клучната реформа на претседателот Емануел Макрон беше постепеното зголемување на возраста за пензионирање од 62 на 64 години.