Лекорну, кој се соочува со тешка битка да преживее најмалку две гласања за доверба подоцна оваа недела, го објави ова во говорот пред парламентот како дел од последниот обид да се создадат услови за донесување на намалениот буџет за 2026 година
Францускиот премиер Себастијан Лекорну вчера ја одложи контроверзната пензиска реформа од 2023 година која предвидува зголемување на возраста за пензионирање на 64 години, до по претседателските избори, попуштајќи под притисокот од левичарските пратеници кои го бараа овој потег за да го зајакнат својот политички опстанок.

Лекорну, кој се соочува со тешка битка да преживее најмалку две гласања за доверба подоцна оваа недела, го објави ова во говорот пред парламентот како дел од последниот обид да се создадат услови за донесување на намалениот буџет за 2026 година.
Одлуката на Лекорну претставува признание од францускиот претседател Емануел Макрон дека одложувањето на пензиската реформа е единствениот начин да се обезбеди опстанокот на Лекорну, неговиот шести премиер за помалку од две години.
„Ќе му предложам на парламентот, уште оваа есен, суспендирање на пензиската реформа од 2023 година до претседателските избори. Од сега, до јануари 2028 година, нема да има зголемување на возраста за пензионирање“,
им рече Лекорну на пратениците.
Пензиската реформа во Франција има за цел да ја зголеми возраста за пензионирање од 62 на 64 години.
Францускиот премиер се обидува да протурка буџет што би го намалил државниот дефицит и би помогнал во решавањето на акумулираниот јавен долг.
Нацрт-буџетот беше презентиран на денешниот прв состанок на кабинетот на новата влада, со проектирана цел за намалување на буџетскиот дефицит од очекуваните 5,4 отсто оваа година на под пет отсто следната година, наведе портпаролката на владата Мод Брежон, пренесе ДПА.
Франција е заглавена во политички ќор-сокак откако на предвремените избори што ги распиша Макрон во средината на 2024 година ниту еден политички табор не освои мнозинство, а парламентот не можеше да се согласи за буџет за намалување на дефицитот.