Веднаш по средбата на лидерите на партиите од владината коалиција закажана во Владата во 11 часот ќе биде објавен францускиот предлог во интегрална форма, објави Ковачевски на Фејсбук
На владината веб-страница денеска ќе биде објавен францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и за старт на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската унија.
Францускиот предлог во интегрална форма ќе биде објавен веднаш по средбата на лидерите на партиите од владината коалиција закажа во Владата во 11 часот, објави премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.
„Веднаш по средбата, предлогот во интегрална форма ќе го објавиме на официјалната веб-страница на Владата. Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консултации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите. Како што веќе најавив вчера, целиот процес ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори“,
наведува Ковачевски.
Тој апелира до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите и побара конструктивност и поддршка од сите чинители за да се донесе мудра одлука во интерес на сите граѓани.
Вчера на прес-конференција претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара францускиот предлог да биде објавен на владината веб-страница.
„Она што најмалку требаше да го направи Ковачевски е да го објави предлогот на веб-страницата на Владата на Република Македонија. Доколку таму го видиме предлогот, тогаш можеме сите ние кои сме овде собрани и сите кои не се овде собрани да го дадат своето мислење, бидејќи велат дека ќе има широка дебата. Најмалку што требаше да направи Владата е тоа. А имам информации дека дури ни на седницата на Владата не бил поделен предлогот на министрите односно на членовите на кабинетот на Ковачевски“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање.
