Со одлука на меѓународното стручно жири, „Сребрена камера 300“ ѝ беше доделена на кинематограферката Олимпија Митилинау од Грција која го снимаше филмот „Мирен живот“, а „Бронзената камера 300“ му припадна на шпанскиот кинематографер Мауро Херсе кој го снимаше филмот „Сират“

Давид Шамбиј од Франција, кинематографер во филмот „Нов бран“, е годинашен добитник на највисокото признание, наградата „Златна камера 300“, која ја доделува ИФФК „Браќа Манаки“.
Лауреатот Шамбиј вечерва не го криеше своето задоволство од високото признание кое, како што рече, го освојува првпат во својата кариера.
„Се радувам што со вас ја споделувам радоста за оваа награда, им благодарам на тимот и на сите што беа вклучени во филмот ‘Нов бран’“,
рече меѓу другото францускиот кинематографер Шамбиј.
Со одлука на меѓународното стручно жири, „Сребрена камера 300“ ѝ беше доделена на кинематограферката Олимпија Митилинау од Грција која го снимаше филмот „Мирен живот“, а „Бронзената камера 300“ му припадна на шпанскиот кинематографер Мауро Херсе кој го снимаше филмот „Сират“.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека фестивалот „Браќа Манаки“ не е само проекција на филмови, туку тоа е лабораторија за светлина и сенка, место каде што филмот не продава илузии, туку создава вистинска алхемија, меша реалност и сон, ризик и визија.
Според него, „Браќа Манаки“ е повеќе од фестивал и доказ дека Македонија не е на маргините, туку е пулс за кој светот мора да слушне.
„Ветувам дека филмот нема да биде статист во Македонија, тој ќе биде водечки лик во културната приказна на Македонија. Нашата поддршка ќе биде континуирана, модерна и храбра“,
рече Љутков.
Пред аудиториумот во битолскиот Центар за култура вечерва беа доделени и наградите „Железна камера 300“, која ја доби Лука Коасин, кинематографер во филмот „Л’мина“, „Кристална камера 300“ ѝ беше доделена на Лиза Јинг која учествуваше во студентската програма, а во истата конкуренција специјално признание му беше доделено на Леон Хортрих од Германија.
Бурно и со овации љубителите на филмот го поздравија појавувањето на сцената на американскиот оскаровец Воли Фистер кому му беше доделена „Специјална златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, како и на македонскиот филмски композитор Кирил Џајковски кој ја да доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ која му ја додели Друштвото на филмските работници на Македонија.