Француската влада е „подготвена привремено да ја отстрани клучната возраст од 64 години од законот за пензиски реформи додека го задржува принципот на урамнотежена возраст“, напиша премиерот Едуард Филип во писмото испратено денеска до синдикатите и организациите на работодавачи.
„За да ја демонстрирам мојата доверба во социјалните партнери и да не го прејудицирам исходот од нивната работа во врска со мерките што треба да се преземат за постигнување финансиска рамнотежа во пензискиот систем до 2027 година, подготвен сум да ја повлечам од предлог законот оваа краткорочна мерка“,
напиша шефот на француската владата во своето писмо, на 38-от ден на мобилизација против оваа реформа.
Премиерот најави дека заклучоците ќе бидат донесени до крајот на април на конференција за финансирање и тие ќе бидат земени предвид пред гласањето за нацрт-законот за реформа на пензискиот систем во второто читање.
Предложените реформи на пензискиот систем поттикнаа големи граѓански протести кои траат веќе 38 дена. Во четвртокот на улиците излегоа околу половина милион демонстранти, од кои 56.000 само во Париз. Според Министерството за внатрешни работи, мобилизацијата е поголема од онаа на 10 декември, но помала од таа на 17 декември и особено од 5 декември, кога беше почетокот на протестите и штрајковите.
Координативното тело на синдикатите повика протестите да продолжат и во вторник, што значи дека евентуалниот компромис меѓу владата и прогресивниот синдикат ЦФДТ нема да значи веднаш прекин на штрајкот во Франција, бидејќи двата синдикати ЦЖТ и ФО бараат целосно повлекување на реформата за пензискиот систем.