„Внимателно ќе ги проучиме точните последици, што може да се направи и ќе се приспособиме“, вели францускиот претседател

Франција внимателно ќе ја анализира ситуацијата, вели шефот на државата, Емануел Макрон, по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе глобална царинска стапка од 15 проценти.
„Внимателно ќе ги проучиме точните последици, што може да се направи и ќе се приспособиме“,
рече францускиот претседател.
Тој додаде дека „најфер можните правила вклучуваат реципроцитет, а не толерирање еднострани одлуки“.
„Ако тоа помогне да се смири ситуацијата, во ред. Мислам дека треба да се стремиме кон пристап што ги намалува меѓународните тензии и продолжува да ја модернизира нашата економија“,
додава францускиот претседател.
Тој, коментирајќи ја одлуката на Врховниот суд на САД, со која се блокираше царинската политика на претседателот Доналд Трамп, вели дека е „добро“ што постојат проверки и рамнотежа во САД. Зборувајќи за време на посетата на земјоделски саем во Париз, Макрон ја нагласи важноста на владеењето на правото и институциите.
„Добро е што постојат проверки и рамнотежа во демократиите. Тоа треба да се поздрави“,
рече тој.
Пред да биде објавена новата царинска стапка од 15 отсто, францускиот претседател Емануел Макрон во изјава денеска се осврна на извршната наредба на Трамп за воведување нови глобални царини од 10 отсто. Макрон најави дека Париз детално ќе ги разгледа последиците и соодветно ќе се приспособи, воедно нагласувајќи дека Франција има намера да продолжи со извозот на своите производи на американскиот пазар, потенцирајќи ги земјоделските стоки, луксузните и модните брендови, како и деловите за воздухопловната индустрија.
Според Макрон, во вакви ситуации е неопходно да се реагира смирено, испраќајќи јасна порака до Вашингтон за идните трговски односи.
Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека ќе воведе глобални тарифи од 15 отсто и продолжи да ја напаѓа одлуката на Врховниот суд со која се поништија неговите претходни увозни давачки.
Трамп вчера изјави дека ќе ги замени тарифите што ги укина судот со нов данок од 10 проценти за сите стоки што влегуваат во САД. Но, денес на неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека оваа стапка сепак ќе се зголеми на 15 проценти.
Новите тарифи ќе почнат да важат од вторник, 24 февруари, и може да останат во сила околу пет месеци, по што администрацијата мора да побара одобрение од Конгресот.
