Екстремната десница на Марин Ле Пен го зголеми бројот на пратенички места, покажуваат првичните резултати
Француските медиуми објавија дека во случај владејачката коалиција да добие релативно мнозинство тоа би значело дека и понатаму е најголема во парламентот, но ќе мора да прави сојузи и договори за одредени предлог-закони
Центристичката коалиција „Заедно“ на францускиот претседател Емануел Макрон го изгуби апсолутното мнозинство во парламентот по вториот круг од парламентарните избори, а екстремната десница на Марин Ле Пен го зголеми бројот на пратенички места, покажуваат првичните резултати.

Коалицијата на Макрон освои 245 од 577 места, беше објавено во текот на ноќта по пребројувањето на гласовите
За апсолутно мнозинство во францускиот парламент потребни се 289 пратенички места.
Левицата предводена од социјалистот Жан-Лук Меланшон постигна добар резултат освојувајќи 131 место и ќе биде втора партија во парламентот.
Екстремнодесничарското Национално движење на Марин Ле Пен постигна многу подобар резултат од очекуваното освојувајќи 89 пратенички места и е трета политичка сила во идниот парламент на Франција.

Ле Пен посочи дека десничарската партија ја постигнала „убедливо најголемата победа во историјата“ на вчерашните парламентарни избори во Франција.
„Нашата пратеничка група ќе биде убедливо најголема во историјата на нашето политичко семејство“,
истакна Ле Пен, пренесува Фигаро.
Според неа, Националното собрание ја постигнало својата цел „да го направи Емануел Макрон претседател на малцинството, без контрола на владата“ и да продолжи со политичкото рекомпонирање што е неопходно за демократска обнова.

Во првата реакција, премиерката Елизабет Борн, нагласи дека „оваа ситуација претставува ризик за Франција, со оглед на ризиците со кои треба да се соочи и на национално и на меѓународно ниво“.
„Мора да го почитуваме ова гласање и да ги повлечеме последиците, мора да преземеме одредена одговорност. Ќе работиме утре за да изградиме мнозинство на акции. Нема друга алтернатива за да се води државата и да се направат потребните реформи“,
рече таа.

Француската влада ќе апелира до сите умерени партии да формираат мнозинство во парламентот, изјави портпаролката на француската влада Оливија Грегоар.
„Им се обраќаме на оние што сакаат да ја водат земјата напред“,
рече Грегоар, пренесува Ројтерс.
Претходно, француските медиуми објавија дека во случај владејачката коалиција да добие релативно мнозинство, тоа би значело дека и понатаму е најголема во парламентот, но ќе мора да прави сојузи и договори за одредени предлог-закони.
Ова не би било првпат за Франција, бидејќи во 1988 година, по реизборот на социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран, социјалистите владееле без апсолутно мнозинство, со 275 пратеници. Во некои случаи тогашните премиери мораа да преговараат со комунистите, центристите, но и со десницата.