Француското правосудство го сомничи Асад за вмешаност во воени злосторства
Француското правосудство вчера издаде налог за апсење на соборениот сириски лидер Башар ал Асад поради сомнение за вмешаност во воени злосторства, особено во врска со смртта на маж со француско-сириско потекло во 2017 година. Истражните судии го сомничат Асад за соучесништво во убиства и напади врз цивили.
Весникот „Паризиен“ објави дека 59-годишен маж бил убиен кога неговата куќа во јужниот сириски град Дара била бомбардирана од хеликоптери на сириската армија во јуни 2017 година. Повикувајќи се на информации од истражители, весникот наведува дека француското правосудство се сомнева дека Асад го наредил нападот и ги обезбедил потребните средства за него. Во тоа време, владата на Асад се обидуваше да ја преземе контролата врз Дара од опозициските сили.
Во 2023 година, француското правосудство издаде налог за апсење на Асад во врска со напади со хемиско оружје. Обвинението особено се однесува на тешките хемиски напади во регионот Источна Гута во близина на Дамаск во август 2013 година. Во нападот со нервен гас сарин загинаа стотици луѓе. Организациите за човекови права известуваат за повеќе од 1 000 смртни случаи.
