Францускиот министер за здравство порача дека ова е најлош ден од почетокот на пандемијата кога е во прашање бројот на новозаразени. Италија, пак, размислува за построги рестрикции. За постоечките се спроведуваат контроли со цел да се открие дали се почитуваат и во тие контроли откриени се 300 невакцинирани лекари иако повеќе од два месеци на сила е задолжителната вакцинација за здравствените работници
И Франција и Италија срушија национални рекорди по бројот на новозаразени случаи во последното деноноќие. Француските здравствени власти денеска регистрираа рекордни 91 608 случаи, додека италијанските 44 959 новозаразени – најмногу од почетокот на пандемијата.
Според податоците на Агенцијата за јавно здравје на Франција изминатото деноноќие регистрирани се и 179 починати лица. Во болниците од ковид се лекуваат над 16 000 Французи од кои 3 208 се на интензивна нега.
Ова е „најлош“ ден од почетокот на пандемијата со коронавирусот кога станува збор за бројот на позитивни случаи, рече францускиот министер за здравство Оливие Веран порачувајќи дека најдобра заштита од бранот на зараза со омикрон е граѓаните да примат трета засилувачка доза од вакцината.
Рекордниот број на случаи (44 959) во Италија е за неколку илјади поголем од претходниот рекорд кој беше забележан пред повеќе од една година – на 13 ноември 2020 кога во еден ден имаше 36 293 случаи.
Поради зголемувањето на бројот на новозаразени, италијанската влада размислува и за нови мерки покрај постоечките кои во моментов се фокусирани во интензивни контроли на надлежните институции во Италија за тоа дали се почитуваат правилата. Во тие контроли италијанската полиција откри повеќе од 300 невакцинирани лекари иако од 15 октомври годинава на сила е задолжителната вакцинација за здравствените работници.
Photo: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON