Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, во интервју за „360 степени“ неодамна рече дека може да се очекува од претседателот Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот помеѓу Софија и Скопје, односно дека има повод да преземе иницијативи и да ги придвижи работите напред
Франција од денеска од Словенија го презема претседавањето со ЕУ за наредните шест месеци. Приоритетите на француското претседателство на почетокот на декември ги презентираше претседателот Емануел Макрон, кога го спомена Западен Балкан како еден од приоритетите.
„Нема да можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западниот Балкан како што е денеска“,
изјави на 9 декември Макрон најавувајќи самит за регионот во јуни.
Изминатиов период од Франција стигнаа сигнали дека ќе се работи и на решавање на спорот на Северна Македонија и Бугарија, со цел одблокирање на евроинтеграциите за земјава.
Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, во интервју за „360 степени“ неодамна рече дека може да се очекува од претседателот Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот помеѓу Софија и Скопје, односно дека има повод да преземе иницијативи и да ги придвижи работите напред. Бомгартнер не откри каков потег или потези конкретно може да преземе Макрон за решавање на спорот со Бугарија, но порача дека започнувањето на преговорите за нашата земја со ЕУ е нешто што сите го посакуваат.
И француската амбасадорка во Софија, Флоранс Робин, во изјава за бугарските медиуми порача дека е свесна оти меѓу Софија и Скопје постои спор, но најважното за неа е потребата да се создаде можност за помирување меѓу двете земји.
„Балканот имаше многу важна улога во судбината на Европа и затоа претседателот Макрон е убеден дека Европа треба да преземе поголем ангажман на Балканот, како на политички, така и на економски план. Треба да се направат напори за инвестиции, за развој на инфраструктурата, за повеќе солидарност“,
рече Робин.
Францускиот министер за европски прашања, Клеман Бон, неодамна при посетата на Бугарија оцени дека има волја кај двете страни да се продолжи дијалогот и порача дека Франција е подготвена да го поддржи тој процес.