„Овој договор сведочи и за способноста на нашите два сојузника да го пронајдат патот на доверлив и плоден дијалог, што Франција целосно го поддржува, особено во перспектива на пристапувањето на Северна Македонија и на Западен Балкан во Европската Унија“, се вели во изјавата на портпаролот на француското министерство за Европа и надворешни работи, Паскал Конфавре, што Амбасадата на Франција во земјава денеска ја објави на Фејсбук
Франција го поздрави официјализирањето на договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 меѓу Северна Македонија и Бугарија, што вчера во Ѓуешево го потпишаа вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, и неговиот бугарски колега, Гроздан Караџов, во присуство на претставници на Европската комисија (ЕК), НАТО, и на банките кредитори на проектот за железничко поврзување на двете држави.

Портпаролот на француското министерство за Европа и надворешни работи, Паскал Конфавре, во изјавата која ја даде вчера, а денеска на социјалните мрежи ја пренесе Амбасадата на Франција во Скопје, нагласува дека потпишувањето на Договорот сведочи за посветеноста на двете држави во насока на регионалната интеграција и безбедност на Балканот.
„Франција го поздравува денешното потпишување на договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, кој се однесува на изградбата на прекуграничен железнички тунел. Оваа стратешка инфраструктура е дел од проектот за развој на трансевропскиот Коридор 8, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море. Овој потпис сведочи за посветеноста на Бугарија и Северна Македонија во прилог на регионалната интеграција и безбедноста на Балканот“,
вели Конфавре во изјавата, што Амбасадата на Франција во земјава денеска ја објави на Фејсбук.
Во изјавата се додава дека овој договор сведочи и за способноста на, како што се наведува, „нашите два сојузника да го пронајдат патот на доверлив и плоден дијалог, што Франција целосно го поддржува, особено во перспектива на пристапувањето на Северна Македонија и на Западен Балкан во Европската Унија“.
Потпишувањето на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничниот железнички тунел помеѓу двете земји го поздравија и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Во својата објава на социјалната платформа Икс, Кошта наведе дека станува збор за голем чекор во соработката меѓу двете земји, што е во насока на промоција на добрососедските односи.
„Покрај развојот на билатералните врски, новата железница ќе го потт кне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата безбедност“,
вели претседателот на Европскиот совет.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, исто така, наведе дека ова е клучен проект и важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и контакти меѓу луѓето.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов вчера во Ѓуешево го потпишаа Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8. Со тоа, двете земји ги дефинираат меѓусебните обврски за изградба на тунелот чија проектирана должина е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија, а другите 1,2 километри на Бугарија.
