Старо-новиот француски премиер, чија претходна влада траеше само 14 часа, именуваше 34 министри и рече дека главната цел на неговата влада ќе биде да донесе буџет пред крајот на годината
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон вчера го објави составот на новата влада на Франција предводена од старо-новиот премиер Себастијан Лекорну.

Новиот француски премиер, чија претходна влада траеше само 14 часа, именуваше 34 министри и рече дека главната цел на неговата влада ќе биде да донесе буџет пред крајот на годината.
„Именувана е влада водена од мисија која ќе ѝ обезбеди на Франција буџет пред крајот на годината. Единствено нешто што е важно се интересите на земјата“,
напиша тој во објава на Икс, заблагодарувајќи им се на министрите кои, како што рече, учествуваат во ова владино тело потполно слободно, без оглед на лични и партиски интереси.
За министер за финансии Лекорну го именува Ролан Лескир – близок сојузник на претседателот Макрон. Тој го презема министерството за финансии на Франција во момент кога владата е под огромен притисок да го протурка буџетот за 2026 година во услови на тензии и поделби во парламентот по однос на ова прашање.
Лекорну вети дека неговата влада ќе биде влада на обнова и разновидност, но се задржа на своите претходни избори за неколку позиции, вклучувајќи го министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро, министерот за правда Жералд Дарманин, министерот за економија Роланд Лезир и министерката за култура Рашида Дати.
Најзначајна промена во новиот владин состав е назначувањето на шефот на париската полиција Лоран Нуњез за министер за внатрешни работи.
Лекорну се сретна со Макрон вчеравечер за да се договори за составот на владата, два дена откако беше повторно назначен за премиер во пикот на најлошата политичка криза во земјата во последните децении. Тој беше повторно назначен за премиер откако претходно оваа недела поднесе оставка по жестоките критики од неколку партии во Националното собрание на Франција за составот на кабинетот.