Сега се исполнети сите услови, ова е желба на членството и многу луѓе велат дека е вистинско време. Не очекувам дека сега Мицкоски ќе си даде оставка, тој нема да даде оставка сега, тоа ќе го стори кога ќе биде доведе под притисок на членството, рече поранешниот министер за внатрешни Оливер Андонов
Од ВМРО-ДПМНЕ ја оценија иницијативата како безнадежна и безначајна и ја нарекоа дефокус на власта од скандалите, од дезертерствата, инфлацијата и енергетската криза
Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Андонов денеска најави иницијатива за смена на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, време е за промени, за вистински личности со интегритет кои ќе ја вратат надежта и иднината во Македонија пред апатијата и срамот да нè убијат како нација.
„Мицкоски е во потполност истрошен политички. Сега се исполнети сите услови, ова е желба на членството и многу луѓе велат време е. Не очекувам дека сега Мицкоски ќе даде оставка, тој нема да даде оставка сега, тоа ќе го стори кога ќе биде доведе под притисок на членството“,
кажа Андонов на прес-конференција пред штабот на партијата.
Иницијативата за промени во раководството на опозициската партија е на фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сметаме дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар. Му посакуваме среќа и немаме што друго да додадеме“,
се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нормално, бидејќи на власта ѝ е потребен дефокус од скандалите, од дезертерствата, инфлацијата и енергетската криза совршено во тој план се вклопуваат таквите поединци и разни нејзини инсталации и уценети поединци на кои ќе им дадат гласност. Како резултат на сѐ поочигледната кадровска и програмска индиферентност на СДСМ, не би нѐ изненадило и други ликови од темниот полусвет на македонската политика да ги злоупотреби за да создава некаков привид за наводно неединство во ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од опозициската партија.
Промена на Мицкоски од лидерската позиција пред околу две години побараа повеќе истакнати поранешни функционери, меѓу кои и Ивица Конески, Никола Тодоров, Митко Јанчев, Никола Попоски, Сашо Мијалков, Ѓулистана Марковска, Даниела Рангелова, но ваквата иницијатива замре по неколку месеци.