Најавите од работниците се дека блокадите и протестите ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска го започна најавениот протест со блокада на зградата на Собранието. На две локации околу Собранието, едната на улицата „Даме Груев“ и другата на „11 Октомври“, имаше по 21 работник, кои со знамиња и свирежи го изразија своето незадоволство барајќи од пратениците минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6 000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата (од сегашната минимална плата и новата минимална плата).
Работниците кои стоеја на улиците, и покрај студеното време, испратија порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.
Најавите од работниците се дека блокадите и протестите ќе продолжат сè додека не се исполнат нивните барања.
„Бараме зголемување на минималната плата и плус најмалку по 100 евра, а не 1 000 денари ќе ти дадат и што со тоа“,
вели еден од работниците што протестираше пред Собранието.
Тие побараа пратениците да се одважат и да го слушнат гласот на народот, односно на оние „кои месецот го врзуваат многу тешко“.
„Нека се откажат од нивните привилегии што ги поседуваат, а на грбот на работничката класа и тоа не е во ред. Работничката класа го полни буџетот за тие да земаат големи плати, а работниците да земаат минимум. Тоа не е во ред“,
додаде една од присутните.
Според присутните на протестот, во секое општество движечка сила е народот.
„Нели е ова мизерно – 300 евра плата. Само да те разбудат од сабајле не се исплати“,
вели уште еден од работниците.
На почетокот на блокадата, Трендафилов во изјава за медиумите, им посака добро утро на сите освен на пратениците. Тој порача дека денешниот протест на ССМ треба да ги засрами сите, особено 120 избрани пратеници кои, како што додаде, уште на денешната собраниска седница треба да предложат зголемување на минималната плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6 000 денари.
