На средбата, меѓу другото, беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од заемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образовните институции и архивите на двете земји, соопшти владината прес-служба

Првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски, во придружба на својата ќерка, Тамара Ковачевска, и делегацијата на Владата на РСМ која е во дводневна посета на Рим по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, денеска беше примена од неговата светост, папата Франциск, информираа од владината прес-служба.









„Претседателот на Владата Ковачевски имаше тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциск, по што следуваше приемот на ќерката на претседателот на Владата, како и другите членови на делегацијата на Северна Македонија, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на Претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол, Даријан Сотировски директор на Комисија за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски ректорот на УКИМ, Пимен Илиевски митрополитот на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски митрополитот на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов декан на струмичка епархија на Католичка црква и Марија Ефремова, амбасадорката на Република Северна Македонија во Ватикан“,
стои во соопштението од Владата.
Како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на светите Кирил и Методиј, на аудиенцијата кај светиот отец Франциск, премиерот Ковачевски изразил благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година која беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.
Како што соопштија од Владата, за време на средбата со папата Франциск била истакната и улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа.
На средбата меѓу премиерот Ковачевски и папата Франциск било нагласено дека од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и Ватикан пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување се гради пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како светите браќа Кирил и Методиј и света Мајка Тереза.
„На средбата беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образовните институции и архивите на двете земји“,
соопштија од Владата.
Како што соопштија од прес-службата на Владата, премиерот Ковачевски истакнал дека на негово задоволство со папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето дејствување. Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија.
„На средбата меѓу Премиерот Ковачевски и македонската делегација со папата Франциск беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство“,
се додава во владиното соопштение.
На средбата, премиерот Ковачевски му подарил на папата Франциск рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на свети Климент Охридски, бројница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.