Како што најавија организаторите во повикот за протестниот марш, на овој собир се забранети партиски обележја затоа што е граѓански собир, а препораките се да се избегнуваат провокации и да не се носи сè што може да послужи како оружје, притоа да се одржува чистотата и да не се уништуваат јавен и приватен имот

Неколку илјади луѓе, во врнежливи услови, се собраа на плоштадот „Македонија“ во Скопје во рамките на протестниот марш насловен „Кој е следен“.
Маршот почна со триминутен молк во 18:59 ч. за загинатите во трагедијата во Кочани, а беше направено и ѕвездено небо.



Потоа, во 19:10 часот маршот продолжи кон Собранието и болницата „Свети Наум Охридски“, каде е предвиден петминутен аплауз за здравствените работници.
Маршот ќе продолжи кон Владата, каде што ќе има 16-минутен молк, по што се предвидени говори.
Како што најавија организаторите во повикот за протестниот марш, на овој собир се забранети партиски обележја затоа што е граѓански собир, а препораките се да се избегнуваат провокации и да не се носи сè што може да послужи како оружје, притоа да се одржува чистотата и да не се уништуваат јавен и приватен имот.
„Протестираме првично затоа што сакаме да останеме да живееме тука, ама сакаме да останеме да живееме тука и да ни е безбедно дома. Сметаме дека треба да се разгранични конечно активното политизирање и партизирање кое ни се наметнува од системот и да прекинеме да ја романтизираме улогата на жртва, која исто така ни ја негува системот. Главно протестираме за да нема веќе жртви и да ни биде безбедно и сигурно дома“,
рече Милена Јаневска од „Кој е следен“.
Таа додаде дека имаат барања во однос на одговорноста, безбденоста и транспарентноста.
„Очекуваме одговорност од сите што се поврзани со трагедијата во Кочани, но не само од нив, туку од сите претходни трагедии, односно треба да одговараат и транспарентно да се изнесат пред јавноста сите оние што биле поврзани со трагедиите досега“,
додаде Јаневска.
Инаку „Кој е следен“, рече таа, е неформална граѓанска иницијатива која не е поврзана со ниту една политичка партија.
„Поради тоа го нагласив моментот дека е многу важно да се разгранични партизирање од политизирање. Ова се активни граѓани што учествуваат во политиката. Политиката е дел од јавното, а јавното нè засега сите нас“,
рече таа.
Движењето се формира по смртта на Фросина Кулакова на 29 јануари годинава, кога беше прегазена поминувајќи пешачки премин кај пекарата „Силбо“ во Скопје. Со тоа започнаа протестите за правда, односно против системското нефункционирање.