Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека бараат најстроги казни за мачење и убиство на животните, без олеснителни околности и мерки
„Душата на Феликс вреди колку човечката“, „Стоп за насилство против животни“, „Мачењето животни е кривично дело. Затвор за убијците на Феликс“, „Прво куче – кој е наредната жртва“. Со овие транспаренти денеска активисти за права на животните излегоа на протест пред Кривичниот суд, каде што се одржува првото рочиште против Љубе Крстевски, кој со метална шипка по глава удираше бездомно куче. Кучето, иако беше спасено, подоцна пцовиса како последица на повредите.








Активистите, од кои некои пред судот беа дојдени со своите миленици, во име на кучето и на сите останати како него, пред Кривичен извикуваа „правда за Феликс“ и „затвор за убиецот“.
Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека бараат најстроги казни за мачење и убиство на животните, без олеснителни околности и мерки.
Инцидентот со бруталното насилство врз уличното куче предизвика жестоки реакции во јавноста откако се појави вознемирувачка видеоснимка на која се гледа како лицето го извршува грозоморниот чин. Шеесет и едногодишниот насилник беше повикан на разговор во полицијата, по што беше ослободен, но против него полицијата поднесе кривична пријава за мачење животни, кривично дело за кое следува парична или казна затвор во траење од шест месеци.
Основното јавно обвинителство на 16 јануари поднесе обвинение против две лица за кривичното дело – убивање и мачење животни. Од Обвинителството рекоа дека имајќи ја предвид пред сè вознемиреноста што во јавноста ја предизвика видеоснимката од мачење куче во Момин Поток, веднаш по поднесувањето на кривичната пријава биле преземени дејствија и го прибрале целокупниот доказен материјал.
Како што рекоа од Обвинителството, двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак со црна боја, на возраст од околу една година.