Во еден момент, како што се гледа на снимките, Фон дер Лајен покажува кон барокната зграда на Владата и прави движење со раката карактеристично за ситуации во кои се искажува задоволство од тоа што се гледа
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на почетокот на еднодневната работна посета на Скопје беше пречекана од премиерот Зоран Заев. Телевизиските камери, меѓу кои и онаа на Телма, го документираа нејзиното пристигнување пред зградата на Владата. Во еден момент, како што се гледа на снимките, Фон дер Лајен покажува кон барокната зграда и прави движење со раката карактеристично за ситуации во кои се искажува задоволство од тоа што се гледа. Дали шефица на ЕК го коментира барокниот изглед на зградата на Владата и дали тој ѝ се допаѓа, знае премиерот Заев, кому Фон дер Лајен во тие моменти му се доверува за тоа што го гледа. Заев не возраваќа на зборовите на Фон дер Лајен, па заедно тргнуваат да влезат во зградата, каде што е сместен и премиерскиот кабинет.
Неокласичниот изглед на зградата на Владата дојде како дел од проектот „Скопје 2014“ во мандатите на претходниот премиер Никола Груевски. Според базата на БИРН, заедно со оградата, таа ги чинеше граѓаните 17 милиони евра.
СДСМ, како опозиција, жестоко го критикуваше проектот и од архитектонско-естетски и од аспект на потенцијална корупција и злоупотреба на јавни пари. По смената на власта во 2017 година се дискутираше за можноста да се врати старото решение на доајенот на македонската архитектура, Петар Муличковски, но се што се случи беше отстранување на оградата околу владината зграда.
„360 степени“ неодамна анализираше дека од она што СДСМ од опозиција го нарекуваше „најголема пералница на пари“ и „урбанистички геноцид на главниот град“, е отстранет само еден споменик (на Андон Јанев-Ќосето), а ниеден функционер не е прогласен за виновен.