На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија
Северна Македонија и главниот град Скопје се домаќини на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1 000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите учеснички на ОБСЕ – САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.
Министерскиот состанок, што се одржува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, официјално ќе го отворат претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума. На отворениот дел од пленарната седница Извештај ќе поднесе генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.
Во продолжение ви пренесуваме дел од атмосферата на црвениот килим по кој прошетаа делегациите на ОБСЕ.













Во изјава за новинарите, министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, коментирајќи ја одлуката на некои колеги да го бојкотираат Самитот, рече:
„Целосно ги разбирам, особено украинските пријатели кои одлучија да не присуствуваат, но верувам дека ова е се уште Организација што ни е потребна, не само за односите кои се особено тешки со Русија, но и за централна Азија и Јужен Кавказ. Затоа, потреба ни е оваа платформа за дијалог и ако ја гледате состојбата на глобалните односи верувам дека во иднина, потребата од ОБСЕ ќе биде се поголема, а не помала,“.
Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен пред новинарите порача дека Израел ќе продолжи додека не го уништи Хамас.
„Седми октомври беше трагичен ден за Израел. Има само еден одговорен за тој масакр, а тоа е Хамас. Ќе продолжиме да се бориме сè додека не ги вратиме сите заложници и сè додека не го елиминираме Хамас. Светот треба да се обедини и да ја ослободиме Газа од Хамас“,
рече Коен.
На првиот ден се предвидени и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ. Утре, ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршната пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ, по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, со претставник на Малта, која е следниот претседавач на Организацијата, и генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид.
Министерскиот состанок започна вчера со неформалната вечера на поголемиот број министри, на која тема на разговор беше воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.
На неформалната вечера присуствуваа и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, кои си заминаа непосредно по вечерата. Тие се разминаа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во Скопје пристигна доцна синоќа.
Средба на Блинкен со Лавров не беше најавена, а и Борел пред доаѓањето изјави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Лавров.
Министрите за надворешни работи во Скопје ќе разговараат и за прашањето на буџетот на Организацијата, како и за мандатите на четворица високи функционери на ОБСЕ, вклучително и германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар. Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а сè уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија.
Министерскиот совет на ОБСЕ го следат над 300 новинари од земјава и од странство. Поради одржувањето на министерскиот состанок, со одлука на Владата, вработените во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје вчера работеа до 12 часот, а денеска е неработен ден како за државната и јавната администрација, така и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град. Дел од сообраќајниците низ градот по кои ќе минуваат странските делегации и денеска ќе бидат затворени за сообраќај.