„360 степени“ направи обиколката на неколку училишта и разговараше со повеќе родители од различни општини за тоа како се одвива штрајкот во образованието. Заклучокот е – зависи од општина до општина, па и од училиште до училиште
Во училиште во Ѓорче Петров, на пример, посведочивме како родители се враќаат со деца, додека од друга страна од тамошната синдикална организација велат дека има двајца наставници кои ги згрижуваат оние што ќе дојдат. Во Центар, пак, вработена и родители на деца ни тврдат дека настава се одржува и покрај штрајкот
Рано утринава училишното ѕвонче во скопското основно училиште „Мирче Ацев“ наместо за првиот час „заѕвони“ за почетокот на штрајкот на наставниците. Осум часот е вообичаеното време кога започнува наставата за учениците од прва смена, но ова утро сликата во училиштето беше поразлична.
Празниот училиштен двор беше она што го виде екипата на „360 степени“ утринава во ова училиште.
Освен наставниците што полека пристигнуваа, во дворот сретнавме и едвај неколку родители со деца кои налетаа на затворени врати. Мајка на дете од второ одделение, која ја сретнавме во дворот на училиштето, ни рече дека дошла да го однесе синот на училиште, но оти мора да се врати дома затоа што денеска ќе нема часови.
„Еве, го враќам малиот. Ќе штрајкуваат, немаат часови“,
рече мајката.
Покрај неа, забележавме уште неколку родители кои со своите деца се враќаа назад откако видоа дека се штрајкува.
Дека нема да има часови и нема да се одржува настава ни потврди и Влатко Костовски, претседателот на синдикалната организација при основното училиште „Мирче Ацев“, кој рече дека штрајкот кој денеска започна во училиштето ќе трае сè додека Владата, социјалните партнери и СОНК не изнајдат решение за барањата за усогласување на платите во образовниот сектор. Тој нагласи рече дека има двајца наставници што ќе ги згрижуваат децата што ќе дојдат.
„Тоа значи дека сите вработени денес нема да го вршат воспитно-образовниот процес, освен двајца наставници по физичко образование кои се на определено работно време. Тие, од разбирливи причини, за да не ја загубат работата, нема да штрајкуваат“,
истакна Костовски и додаде оти тие двајца наставници единствено можат да ги згрижат и да ги прифатат децата што денеска ќе дојдат во училиштето, но повтори дека воспитно-образовниот процес нема да се врши.
Како што додаде Костовски, тоа што денеска нема родители што ги носат децата во училиште е знак оти и тие имаат разбирање и дека го поддржуваат во штрајкот. Сепак, вели, трпат и децата, но и трпат и тие и додаде дека Владата треба да изнајде начин како да се продолжи воспитно-образовниот процес. Но, како што истакна, опцијата за воведување заменски наставници во наставата би значело кршење на правата на наставниците.
„Заменски наставници – тоа никаде го нема, само во Македонија се применува. Опомени до Владата се упатени од меѓународни синдикални организации кои напоменуваат дека со заменски наставници се крши правото на работниците, конкретно на наставниот кадар и се врши притисок во уставно загарантираното право на штрајк. А заменски наставници нема да може да обезбедат, не можат ни да ги платат. Тие не можат ни нас да нè платат“,
додаде Костовски.
Бојкот на наставата од најголемиот дел од професорите е ситуацијата што нè дочека и во средното скопско училиште „Кочо Рацин“. Таму професорите беа собрани во спортската сала и на тој начин го изразуваа својот револт за непокачувањето на платите. Децата се приоритет, коментираа тие, но положбата на наставниот кадар треба да излезе од маргините на општеството и надеваат на изнаоѓање што поскоро прифатливо решение.
Претседателот на тамошната синдикалната организација, Драган Поповски, во изјава за „360 степени“ истакна оти директорите имаат обврска во текот на денот да побараат согласност од страна на градоначалниците за да се најдат заменски професори кои ќе бидат вклучени во образовниот процес. Дотогаш, како што посочи Поповски, наставата во СУГС „Кочо Рацин“ ќе се одржува само со професорите кои не се на штрајк, односно вкупно шест професори.
„Децата си доаѓаат во училиштето и нема да е попречен воспитно-образовниот процес, имајќи предвид дека имаме шест колеги кои не се вклучени во процесот на штрајкување, иако го поддржуваат штрајкот, сепак, се решија во интерес на наставата да одржуваат часови. Колегите немаат притисоци по ниту една основа без разлика дали се поддржувачи на штрајкот или се решиле да одржуваат настава“,
вели Поповски, претседател на синдикалната организација при СУГС „Кочо Рацин“.
Тивко и не толку раздвижено како вообичаено беше сликата и во дворот на објектот „Детелинка“, клон на градинката „Росица“, во Општина Ѓорче Петров. Во периодот околу 8 часот утрово не сретнавме ниту еден родител, а успеавме да поразговараме со еден од вработените кој ни кажа дека до тој момент имало само три згрижени деца.
Од градинката не сакаа детално да ја коментираат ситуацијата во врска со штрајкот и единствено посочија оти дел од воспитувачите штрајкуваат, а дел се со децата кои пристигнуваат во градинката.
Во обиколката на училиштата го посетивме и ОУ „Кирил и Методиј“ во Општина Центар каде што сретнавме само една од вработените која не беше расположена за разговор. Во краткиот неформален разговор со неа не прецизира дали и колку од вработените во училиштето се во штрајк, а на нашето прашање дали децата посетуваат часови или само се згрижени, вработената ни одговори дека се на настава.
Разговаравме и со двајца родители чии деца учат во основните училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“ и „Коле Неделковски“, исто така во Општина Центар. И тие истакнаа дека оти нивните деца денеска се во училиштата и следат настава. Од наставниците добиле порака дека децата ќе бидат примени во училиштата и соодветно згрижени.
Штрајкот што утрово во училиштата и градинките го започна Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) следува бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените за 18,4 проценти, односно нема нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од март се зголеми од 15 200 на 18 000 денари, како и дополнителното барање – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
Претседателот на СОНК утрово порача дека најголем дел од вработените штрајкуваат и на повеќето места се одвива без сериозни проблеми.
Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги принудуваат штрајкувачите да го прават тоа што не треба да го прават за време на штрајкот“,
изјави Неделков утрово за МИА.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, порача дека го почитува правото на штрајк, но тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог, како што рече, ќе продолжи, а во текот на денот или утре ќе имаат средба со СОНК.
Министерот посочи и дека МОН е во комуникација со директори на сите основни и средни училишта за тоа дали и како се одвива наставата и колку лица се вклучени во штрајкот. Рече дека по 14 часот, односно по почетокот на втората смена во училиштата, ќе имаат информации за вклученост во штрајкот.
Тој пораките ги испрати од средното училиште „Владо Тасевски“ каде што се спроведува меѓународното ПИСА-тестирање. Таму, според информациите што ги соопшти министерот, од вкупниот број 117 вработени, 18 се во штрајк – наставен кадар и технички персонал и дека се во посебна просторија.
Во пресрет на штрајкот, пак, од МОН беа децидни дека настава мора да има.
„Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година“,
порачаа од МОН.