Сè уште не се знае што и кој ја загади Одра, а полицијата добила 72 пријави за можни виновници откако полскиот премиер Матеуш Моравјецки во петокот објави дека полицијата нуди награда од 214 000 евра за оној што ќе помогне да се пронајдат трујачите на Одра
Над 40 тони мртви риби беа извадени од реката Одра, која на крајот на јули беше затруена со непозната супстанција во горниот тек на полска територија, додека сè уште голема количина риба е останата да скапува на дното на Одра во долниот тек на реката на германска страна од границата.
Полските служби, војниците и припадниците на територијалната одбрана, кои презедоа акција за санација на штетите, сега ги вадат умрените риби од реката на север, во долниот тек во Западна Померанија, каде што се поставени специјални брани со мрежи, соопшти кризниот штаб, кој поради еколошката катастрофа е формиран од полската влада кон крајот на минатата недела.













Сè уште не се знае што и кој ја загади Одра, полицијата добила 72 пријави од граѓани со информации за можни виновници откако полскиот премиер Матеуш Моравјецки во петокот објави дека началникот на полицијата нуди награда од 214 000 евра за оној што ќе помогне да се пронајдат трујачите на Одра.
Полските власти и обвинителството во Вроцлав, кое ја води истрагата, ги проверуваат компаниите од Долна Шлезија во југозападна Полска и понатаму на север по реката Одра.
Во првите примероци на вода земени на почетокот на август откриена е невообичаено висока концентрација на кислород, нетипична за летниот период, како и органското соединение мезитилен, кое, меѓу другото, се користи како разредувач и е токсично за водни организми.
Подоцна, примероците земени понатаму по средниот и долниот тек на Одра во близина на устието на Балтичкото Море не го потврдија наодот на оваа токсична супстанција, само опасно висока концентрација на кислород, додека германската инспекција за животна средина, која, како и Полска започна истрага, откри зголемен салинитет.
„Анализата на примероци од мртви риби не потврди присуство на жива и тешки метали. Земени се 150 мостри, дел од нив ќе бидат испратени во странски лаборатории. Сега се проверува дали има други токсични материи, прво дали има пестициди“,
изјави полската министерка за животна средина Ана Москва на заедничката прес-конференција со германскиот министер за животна средина Штефи Лемке.
Германската министерка изјави дека е потресена од еколошката катастрофа на Одра.
„Се соочуваме со невидена природна катастрофа. Не знаеме како и колку долго ќе има влијание врз животната средина. Во моментов не постои ризик од загадување на водата за пиење покрај Одра. Сега мораме да ја минимизираме штетата. Мораме да ги утврдиме виновниците за катастрофата“,
изјави Лемке.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки вети дека виновникот ќе биде пронајден и најстрого казнет, кој и да е.
„Сакаме да ги најдеме и да ги казниме виновниците за најверојатниот еколошки криминал за кој станува збор. Многу е веројатно дека некој истурил опасни материи што предизвикале катастрофални последици. Посебна награда е одредена за што побрзо да се открие виновникот за ова кривично дело против животната средина. Моја обврска не е само да ги откријам и казнам виновниците туку и да ја минимизирам штетата што е можно побрзо“,
рече полскиот премиер во петокот.