
Редок астрономски феномен се случи вечерва. Граѓаните можеа да уживаат во целосно помрачување на Месечината, познато како „крвава Месечина“, која беше видлива во повеќе земји, вклучително и кај нас.

„Како што ќе напредува помрачувањето, Месечината ќе станува сè поцрвена. Околу 19:30 часот, кога целосно ќе влезе во сенката на Земјата, ќе биде речиси сосема црвена. Нијансите нема да бидат исти, односно, едната страна ќе биде поинтензивно црвена, а другата повеќе со портокалов тон. Тоа се должи на различните бои во конусот на сенката низ кој поминува Месечината. Најдлабоко во сенката ќе биде околу 20:11 часот – тогаш Месечината ќе изгледа најтемна и најцрвена. Потоа постепено ќе почне да излегува од сенката, а околу 20:50 часот една страна повторно ќе се појави осветлена. Целиот процес на излегување ќе заврши околу 22 часот. Потоа Месечината ќе остане само во полусенката, која е тешко забележлива“,
најави претходно Скопското астрономско друштво, кое ги повика граѓаните да го проследат настанот со два телескопа на плоштадот „Македонија“.
Целосно затемнување на Месечината се случува кога Земјата се наоѓа точно помеѓу Сонцето и Месечината во права линија.
Додека Земјата се движи пред Месечината, таа го блокира поголемиот дел од сончевата светлина што ја осветлува површината на Месечината.
Феноменот ќе биде видлив од Австралија, Азија, Африка и Европа, што значи дека повеќе од 7 милијарди луѓе ќе имаат можност да го забележат.
Во продолжение, погледнете ги фотографиите од затемнувањето на Месечината во дел од земјите.






