Станува збор за најголем хрватски инфраструктурен проект кој е финансиран од ЕУ фондовите, со неповратни 357 милиони евра (85 отсто од вкупните трошоци). Вкупната цена на мостот е 420 милиони евра. Мостот го градеше кинеска компанија а проектант е Марјан Пипенбахер од словенечката фирма „Понтинг“
Хрватска вечерва го отвори Пељешкиот мост, настан кој тамошната јавност го слави како историски датум. Свеченостите траат цел ден, а гала-прославата почна во 20:15 часот а кулминираше околу 22 часот. Првиот автомобил кој помина преку мостот беше моделот „Невера“ на хрватскиот производител на луксузни електрични автомобили „Римац“. Додека поминуваше „Невера“, почна и огномет.
На свеченоста беше присутен државниот врв на земјата, голем број гости од различни сфери на општествениот живот a имаше i културно-уметничка програма.
Пељешки мост е долг 2 404 метри и спојува два брега кои се оддалечени 2 140 метри. Објектот е од исклучително стратешка вредност за Хрватска бидејќи го поврзува северот со југот на земјата. Во тој дел на Јадранското море, мало крајбрежје има Босна и Херцеговина кај Неум. Така, за да се стигне по копно до Дубровник од Сплит, мораше да се помине граница и да се влезе во БиХ, а после неколку километри да се излезе од БиХ и да се влезе во Хрватска. Со мостот, практично се заобиколува Неум преку полуостровот Пељешац. Мостот е висок 55 метри со што се задоволени барањата на Босна и Херцеговина – мостот да не го попречува бродскиот сообраќај кон Неум.

Целата конструкција на мостот тежи колку 30 Ајфелови кули. Станува збор за најголем хрватски инфраструктурен проект кој е финансиран од ЕУ фондовите, со неповратни 357 милиони евра (85 отсто од вкупните трошоци). Вкупната цена на мостот е 420 милиони евра. Мостот го изгради кинеска компанија а проектант е Марјан Пипенбахер од словенечката фирма „Понтинг“
