Температурните рекорди се срушени во Шпанија и Португалија – Гранада забележа 46 Целзиусови степени, додека Мора во Португалија забележа дури 46,6 Целзиусови степени
Европа е зафатена од силен топлотен бран, кој веќе одзеде два живота во Италија. Во Болоња 47-годишен работник почина откако му се слоши на градилиште, додека 70-годишен маж се удави во ненадејни поплави во близина на Торино.

Шумските пожари во Турција принудија повеќе од 50 000 луѓе да се евакуираат, додека пожарите се проширија и низ други провинции како што се Билеџик, Маниса и Хатај.
Франција го забележа својот најтопол јунски ден досега во неколку града, а Париз и 15 други региони издадоа црвени временски предупредувања. Повеќе од 1 300 училишта се затворени.
Температурните рекорди се срушени во Шпанија и Португалија – Гранада забележа 46 Целзиусови степени, додека Мора во Португалија забележа дури 46,6 Целзиусови степени. Во Италија највисоко ниво на предупредување за топлина е прогласено во 21 град, а работата на отворено е забранета во најжешките часови од денот во региони како што е Ломбардија, објавува Би-би-си.





Во Грција пожари ги зафатија крајбрежните градови во близина на Атина, а луѓето се евакуирани од своите домови. Во Германија се очекува температурите да достигнат 38 степени, додека во Велика Британија, Вимблдон го забележа својот најжежок прв ден од турнирот со 32,9 степени.
ООН предупредува дека екстремната топлина ќе стане почеста и поопасна поради климатските промени.
„Ова е сериозна закана за здравјето, животната средина и основните човекови права“,
рече високиот комесар на ООН за човекови права Фолкер Турк.