Првпат по околу два месеца, откако беше воведен полициски час како една од мерките за заштита од коронавирусот, вечерва во центарот на главниот град имаше луѓе и возила и по 21 часот.

Ова е прва вечер во земјава без полициски час, кој беше воведен на 22 март. Првично, забраната за движење почнуваше од 21, а траеше до 6 часот следниот ден, по што имаше уште неколку одлуки за продолжување, па за скратување на времетраењето на полицискиот час.

Вечерва во центарот на Скопје немаше поголем метеж, ниту во сообраќајот на улиците, ниту во пешачките зони на плоштадот „Македониј“, во ГТЦ и на улицата „Македонија“.

Отворени се само трафики и семкарници, а ретко кои од минувачите носат заштитни маски. Сепак, во споредба со сликте од вечерните часови во последните два месеца, раздвиженоста оваа вечер е очигледна.

