Испукани и одронати ѕидови се дел од материјалната штета во неколку куќи во Галичник како последица на попладневните земјотреси чијшто епицентар беше во Гостиварскиот Регион.
Од Месната заедница на Галичник ги повикуваат сопствениците на куќи и викендички да направат увид и да пријата доколку има штети.

„Од земјотресот во 15.25 часот има настанато штета во одделни куќи во Галичник. Би било пожелно сопствениците на куќите да ја проверат состојбата на истите и доколку има настанато штета, штетата да се пријави на надлежните институции“,
се вели во нивното соопштение.
Последователните потреси од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги објаснија како афтершокови, кои се со помала јачина од главниот потрес од 5 степени утрово.

Земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала повторно го погоди Гостиварскиот Регион, покажуваат податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар. Тој се случил во 15:25 часот по локално време, на оддалеченост од 20 километри југозападно од Гостивар, од четврта категорија според тоа колку бил почувствуван и на длабочина од 10 километри.

Првиот земјотрес се случи во 04.54 часот утринвата и беше со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала со епицентар во селото Леуново, во Мавровскиот Регион, на 15 километри од Гостивар.
Земјотресот најмногу се почувствува во Гостивар и другите градови во западниот дел од државава.

Од АМСМ известуваат дека сообраќајот на патниот правец Дебар- Маврово и обратно е во прекин поради одрони на патот, се до расчистување.
Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово“ соопшти дека поради земјотресот има заматување на водата и им препорача на жителите од регионот да не ја пијат водата од чешмите.