Со руската инвазија на удар е ставена и глобалната нуклеарна безбедност. Итно е потребно затворање на воздушниот простор над Украина, за да се запре ескалацијата, порача претседателот на здружението на Украинците во Македонија
Затворено небо над Украина за да се запре ескалација од руската инвазија, побараа денеска членовите на здружението на Украинците во Македонија на протестот на плоштадот Македонија во Скопје.


„Ова е нечовечки, монструозен подмолен напад од страна на Русија. Русија без жал уништува украински градови и села, убива цивилно население. Покрај руската агресија насочена кон уништување на украинското население и инфраструктура се јави нова закана за цела Европа и пошироко. Со руската инвазија на удар е ставена и глобалната нуклеарна безбедност. Јавно се обраќаме до Владата на Република Северна Македонија со апел за итна потреба од затворање на воздушниот простор над Украина, што може да ја запре ескалацијата“,
рече претседателот на Здружението на Украинците, „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.


Ова е втор марш во Скопје против руската инвазија врз Украина. Како што соопшти „Лесја Украинка“, на Плоштадот секој ден ќе се собира хуманитарната помош за Украина.
Минатата недела, Украинците кои живеат во земјава одржаа протест пред руската амбасада во Скопје.