Бугарија прва ја призна независноста на Македонија и одамна ја препозна модерната политичка реалност. Секогаш ги поддржувавме независноста и државниот суверенитет на Република Северна Македонија и никогаш не сме имале територијални претензии ниту сме им го ускратувале правото на самоидентификација на нејзините граѓани, изјави денеска во Софија министерката за надворешни работи Екатерина Захариева на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, пренесе БГНЕС.

„Затоа е несоодветно да се предлагаат работи во спротивна насока, како меѓу граѓаните на нашите две земји така и на меѓународно ниво. Како што Бугарија ја призна современата политичка реалност, сега е потребно Република Северна Македонија да ја признае историската реалност поврзана со процесот на создавање на новиот национален идентитет“,
додаде Захариева.
Бугарија, според Захариева, не сака ништо повеќе од исполнување на клаузулите во Договорот за добрососедство, како што е јазичната клаузула.

„Јазичната клаузула во нашиот договор сакаме да се рефлектира во сите документи меѓу двете страни. Немаме нови барања. Апелирам и се надевам дека проблемите нема да се создаваат онаму каде што ги нема“,
рече Захариева.
Што пишува во Договорот за јазикот
Захариева на прес-конференцијата не објасни што подразбира под рефлектирање на јазичната клаузула меѓу двете страни, како што е во Договорот.

Јазиците во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се споменуваат на самиот крај каде што стои:
„Потпишан во………………. на ………………………… во два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република
Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност“.

Целиот текст на Договорот може да го прочитате тука.