Вработените во управата и правосудството втор ден одржуваат двочасовен бојкот на работата, од 10 до 12 часот
Од Кривичниот суд информираат дека за време на штрајкот приемното одделение, шалтерите за прием на барања за потврди и уверенија и судските писарници функционираат со дежурни службеници, целосно функционира одделот за претходна постапка и се одржуваа сите притворски и итни предмети со цел доследно почитување на правата на странките во постапката и граѓаните кои имаат какви било побарувања и достави до судот
Втор ден по ред вработените во управата и правосудството одржуваат двочасовен бојкот на работата, од 10 до 12 часот. Како што соопштија од Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), барањата се исплата на минимална плата и линеарно зголемување на платите на сите вработени за 2 806 денари.
Денеска вработените од Основниот кривичен суд и од Основниот граѓански суд Скопје излегоа надвор од канцелариите и бојкотот го одржуваат пред судовите.



Во врска со бојкотот, се огласија од Основниот кривичен суд Скопје. Оттаму велат дека судот целосно го почитува уставно загарантираното право на протест на судските службеници кои денеска излегоа на предупредувачки – двочасовен штрајк пред зградата на Кривичниот суд и информираат дека за време на штрајкот приемното одделени, шалтерите за прием на барања за потврди и уверенија и судските писарници функционираат со дежурни службеници, целосно функционира одделот за претходна постапка и се одржуваа сите притворски и итни предмети со цел доследно почитување на правата на странките во постапката и граѓаните кои имаат било какви побарувања и достави до судот.
„За сите расправи од предмети кои не се итни и не се притворски – странките, кои претходно не беа известени за нови термини, ќе продолжат со расправите по 12:00 часот или ќе се насочат други термини за главна расправа. Судот, и покрај сите предизвици, ги прави сите напори да го почитува правото за штрајк на вработените без притоа да има било каков застој во работењето и постапувањето во предметите“,
се вели во соопштението од Кривичниот суд Скопје.
